БУЈАР ОСМАНИ Ѝ ДАДЕ ПОДДРШКА НА ЗАХАРИЕВА ОТКАКО ШЕСТМИНА ОД МИНИСТЕРСТВОТО НА КАРАКАЧАНОВ СЕ ОБВИНЕТИ ЗА ШПИОНАЖА ЗА РУСИЈА

    БУЈАР ОСМАНИ Ѝ ДАДЕ ПОДДРШКА НА ЗАХАРИЕВА ОТКАКО ШЕСТМИНА ОД МИНИСТЕРСТВОТО НА КАРАКАЧАНОВ СЕ ОБВИНЕТИ ЗА ШПИОНАЖА ЗА РУСИЈАРепублика Северна Македонија ги осудува сите малигни активности на територијата на Бугарија, ѝ пиша Османи на Захариева; - Од средбата во Софија на 24 февруари. (Фото: Фејсбук профил на Захариева)

    Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи ѝ изрази силна поддршка на бугарската колешка Екатерина Захариева, откако пред два дена за шпионажа во корист на Русија се обвинети шестмина Бугари, меѓу кои и високи функционери во Министерството за одбрана на чело со Красимир Каракачанов и во военото разузнавање.

    „Силна поддршка за суверенитетот на Бугарија, нашиот сосед и сојузник во НАТО. Република Северна Македонија ги осудува сите малигни активности на територијата на Бугарија“, напиша Османи на Твитер обраќајќи ѝ се на колешката Захариева.

    Бугарскиот Јавен обвинител Иван Гешев вчера изјави дека ова е првпат да се открие ваков шпионски синџир во Бугарија од крајот на Втората светска војна. Петмина од осомничените беа уапсени завчера во Софија, во голема операција на специјалците од национална безбедност кога еден од осомничените се обиде да избега, соопшти Обвинителството. Од таму кажаа дека поранешен висок функционер од бугарското воено разузнавање регрутирал луѓе со пристап до класифицирани информации од Бугарија, НАТО и Европската унија.

    Лидерот на групата ја искористил својата сопруга за да ги пренесе информациите на службено лице во руската амбасада во Софија, рече Сијка Милева, портпаролка на канцеларијата на Државното обвинителство. Обвинителството соопшти дека групата работи долго време и дека истрагата е во тек.

    Во изјавата на американскиот Стејт департмент се вели дека внимателно го следи случајот.

    „САД силно го поддржуваат суверенитетот на Бугарија и стојат заедно со Бугарите против овие малигни активности на нивната територија“, соопшти Стејт департментот.

    Бугарија протера шест руски дипломати за сомневање за шпионажа во последните две години.

    „Во контекст на комплексноста на меѓународната ситуација, очигледни се ‘неуморните’обиди да се вовлече клин во руско-бугарскиот дијалог и уште еднаш да се демонизира нашата земја“, се вели во соопштението на руската амбасада во Софија за најновиот шпионски случај во Бугарија.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира