„ЏОНСОН И ЏОНСОН“ НЕ МОЖЕ ДА ИСПОРАЧА ВАКЦИНИ ЗА МАКЕДОНИЈА ДО КРАЈ НА ГОДИНАВА

    „ЏОНСОН И ЏОНСОН“ НЕ МОЖЕ ДА ИСПОРАЧА ВАКЦИНИ ЗА МАКЕДОНИЈА ДО КРАЈ НА ГОДИНАВАКомпанијата „Јансен“ ќе поддржи трипартитни договори на нашата земја со други држави кои го финасираа производството на вакцина. (Фото: Гети)

    До крај на годинава во Македонија нема да може да се испорача вакцината против ковид-19 на „Џонсон и Џонсон“ развиена од нејзината фармацевтска компанија „Јансен“. Откако вчера Европската агенција за лекови (ЕМА) ја одобри употребата на оваа вакцина, САКАМДАКАЖАМ.МК праша во Министерството за здравство дали почнале преговори со оваа компанија. Од министерството ни рекоа дека имале состанок со компанијата „Јансен“ во врска со оваа вакцина против ковид-19, но испорака не може да ни обезбедат во 2021 година.

    „Производителот нè информираше дека нема да бидат во можност во текот на 2021 година да испорачаат вакцини за нашата земја. Производителот исто така ни посочи дека би поддржале трипартитни договори на нашата земја со други големи држави кои го финансираат производството на нивната вакцина“, велат од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче.

    Соединетите Американски Држави во март лани ѝ дадоа на белгиската компанија 465 милиони долари за развој на вакцината, а американскиот претседател Џо Бајден во своето вчерашно обраќање кажа дека сите возрасни Американци ќе може да се вакцинираат до 1 мај. Бајден кажа дека прво ќе се вакцинираат сите Американци, а потоа секој вишок ќе биде споделен со останатите земји.

    Вакцината на „Јансен“ е прва за која треба само една доза. Европската агенција за лекови објави дека постојат цврсти докази за ефективноста, безбедноста и квалитетот на вакцината. Резултатите од клиничките тестирања во САД, Јужна Африка и Јужна Америка, во кои учествувале 44.000 волонтери, покажале дека вакцината на „Јансен“ ја спречува појавата на ковид-19 кај лицата над 18 години, а нејзината ефективност изнесува 67%.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира