Единаесет години е вршител на должноста директор на Тетовската болница д-р Флорин Бесими, кој на 10 септември на Фејсбук објави дека си поднел оставка, два дена по катастрофалниот пожар во модуларниот Ковид-центар во кој загинаа 12 пациенти и двајца нивни придружници. Но, од Министерството за здравство велат дека Бесими уште ја нема доставено оставката.
Според Законот за здравствена заштита, в. д. директор може да биде на функција најмногу до 6 месеци, а Управниот одбор на болницата е должен да распише оглас за избор на директор, кого по препорака на Здравствениот совет го именува министерот за здравство. За функцијата директор на јавна здравствена установа мора да се се исполнат одредени критериуми. Болницата во Тетово како клиничка болница и регионален центар поврзан со Медицинскиот факултет во Тетово е од највисок ранг во системот на јавното здравство.
Последен пат за в. д. директор д-р Бесими е именуван во мај годинава. Нему мандатот како вршител на должност медицински директор му завршил во март. По последното именувањето во мај, и нему и на Артан Едеми, кој е в.д. организациски директор од министерот за здравство писмено им било укажано дека Управниот одбор на болницата мора да распише конкурс за директори. Дознаваме дека Бесими за таа обврска бил предупредуван во неколку наврати.
Бесими, кој е гинеколог во болницата, првпат е именуван за в. д. директор во декември 2010, за време на владината коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кога бил шеф на Гинеколошкиот оддел. На парламентарните избори во јули 2020 беше избран за пратеник од редовите на ДУИ, но поднесе оставка, за да се избегне можен конфликт на интереси при гласањето во Собранието на новата Влада во која за министер за финансии беше предложен брат му Фатмир Бесими. На ланските избори на листата на ДУИ во Шестата изборна единица беше на второто место, веднаш по лидерот Али Ахмети.
САКАМДАКАЖАМ.МК се обрати до Министерството за здравство за тоа како е можно д-р Бесими да биде именуван за в. д. директор незаконски долг период. Не добивме одговор на прашањето дали во овој период додека тој е в. д. директор е распишан конкурс за избор на директор и зошто не е избран? Исто така, не одговорија ни дали Министерството има сознанија дали д-р Бесими како в. д. директор потпишувал решенија за исплата на хонорари на самиот себеси за неговите активности и дежурства како лекар во болницата, независно од неговите задолженија како одговорно лице.
Одговор не добивме ни од д-р Бесими. Тој не одговараше ниту на телефонските повици, ниту на смс пораките.
Ковид-центарот во Тетово целосно изгоре за три минути на 8 септември вечерта, а од загинатите 14 лица 12 беа пациенти и двајца роднини. Освен д-р Бесими, на 10 септември најавија дека оставки поднеле и економскиот директор на Тетовската болница Артан Етеми и заменикот-министер за здравство Илир Хасани, а министерсот за здравство рече дека понудил писмена оставка на премиерот. За оставките на Хасани и Филипче премиерот Зоран Зев рече дека ќе одлучи по завршувањето на истрагата за несреќата која е во тек.
Б. НЕСТОРОСКА