Ја извадивме државата на прав пат и сега почнуваме да чекориме по европскиот пат, рече премиерот Зоран Заев на прославата на Денот на независноста – 8 Септември. Заев во обраќањето во дворот на Владата пред споменикот на ослободителите на Скопје, кажа дека доаѓа време на ред и правда, на нова македонска економија и ја повика опозицијата да покаже државничко однесување.
„Самостојноста и самотијата не одат рака под рака. Денес, 29 години од денот на осамостојувањето, земјава има најмногу пријатели и сме 30. членка на НАТО. Граѓаните го посочија патот кон кој треба да се движи државата, тоа е европскиот пат и интегрираност во меѓународните институции. Денес нашата држава има сосема извесна европска иднина, со просперитет на сите граѓани, ослободена од предрасудите. Од лош пример станавме успешна приказна, нашите соседи ни се денес пријатели и најголеми поддржувачи на меѓународен план“, рече Заев.
Заев кажа дека во изборната кампања имал средби со голем број граѓани и од нив добил порака дека владеењето на правото и правдата е она што го очекуваат од државата.
„Мирот не се остварува само кога нема конфликти туку и кога е присутна правдата. Доаѓа време на ред и правда. Таа ќе биде најважна приказна на оваа влада. Законите се донесени, сега е време за нивно почитување. Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон. Ја повикувам и опозицијата да ги напушти партиските интереси и да покаже државничко однесување“, рече Заев.
Премиерот Заев на одбележувањето на 29-годишнината од независноста најави борба со пандемијата на ковид-19, вложување во здравствениот систем, нова македонска економија и економски мерки за справување со последиците од коронавирусот.
А. АНТЕВСКА