ДОНАЦИЈАТА НА „ФАЈЗЕР“ ВАКЦИНИ ОД БУГАРИЈА ЌЕ СЕ УПОТРЕБИ ПРЕД ИСТЕКОТ НА РОКОТ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    ДОНАЦИЈАТА НА „ФАЈЗЕР“ ВАКЦИНИ ОД БУГАРИЈА ЌЕ СЕ УПОТРЕБИ ПРЕД ИСТЕКОТ НА РОКОТ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВОБугарија ќе ѝ донира 51.480 дози од вакцината „Фајзер“ на Македонија. (Фото: СДК.МК)

    Вакцините на „Фајзер“ кои на 14 септември ќе стигнат во Македонија како донација од Бугарија, и на кои рокот им истекува на 30 септември, ќе бидат аплицирани далеку пред истекување на рокот на важност, вели Министерството за здравство.

    Бугарското собрание денеска со 146 гласа „за“ ја ратификуваше спогодбата за донација на 51.480 дози од вакцината „Фајзер“ на Македонија. Пред гласањето, бугарскиот министер за здравство Стојчо Кацаров кажа дека ако не биде денес изгласана ратификација, вакцините нема да можат да ѝ бидат дадени на Македонија.

    „Конкретно за Северна Македонија, изборот е дали да ги уништиме или да ги подариме, затоа што на вакцините им истекува рокот до крајот на септември“, изјави Кацаров.

    Вакцините од „Фајзер“ ќе бидат аплицирани за 5 до 7 дена од нивната дистрибуција на пунктовите.

    Согласно договорот со Бугарија, вакцините ќе бидат достапни на 14 септември на пунктовите низ земјава, што значи, како што велат од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче, има повеќе од доволно време да се искористат и ниедна да не биде уништена.

    „Просекот на дневно аплицирани дози е околу 10.000 вакцини и најголем процент од нив се токму од производителот ‘Фајзер’. Оттаму граѓаните може да бидат спокојни дека сите вакцини ќе бидат безбедни и со важечки рок во моментот на вакцинирање“, додава Министерството.

    Кога беше најавена оваа донација од техничката бугарска влада на 1 септември, беше кажано дека Бугарија има вишок од 2,8 милиони вакцини против ковид-19. Бугарија има најниска стапка на вакцинација во Европската унија, со нешто над 20% вакцинирани од вкупното население.

    Во Македонија вкупно се аплицирани 1.326.584 дози вакцини, а ревакцинирани се 589.573 граѓани.

    Со последните бројки 54% од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 29% од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира