ДВА НОВИ СМРТНИ СЛУЧАИ, 31-ГОДИШЕН СКОПЈАНЕЦ НАЈМЛАДА ЖРТВА НА КОВИД-19 ВО ЗЕМЈАВА

    ДВА НОВИ СМРТНИ СЛУЧАИ, 31-ГОДИШЕН СКОПЈАНЕЦ НАЈМЛАДА ЖРТВА НА КОВИД-19 ВО ЗЕМЈАВА31-годишниот скопјанец бил со тешка клиничка слика, во текот на вчерашниот ден бил интубиран и поставен на респираторна машина, но денеска починал. - Инфективна клиника (Фото: СДК.МК)

    Двајца мажи на возраст од 31 и 91 година, двајцата од Скопје, починаа денеска од коронавирусот, кажа денеска министерот за здравство Венко Филипче.

    31-годишниот скопјанец бил со тешка клиничка слика, во текот на вчерашниот ден бил интубиран и поставен на респираторна машина, но денеска починал.

    „Кај помладиот пациент еден ризик фактор е обезноста (дебелина, н.з.) која што тој ја имал. Пациентот имаше најтешка форма на влошување која е опишана во литературата, клиничка слика со крварење и на некој начин распад на белите дробови. Овој смртен случај на млад човек покажува дека никој не е имун на овој вирус. Сите кои не биле убедени од опасноста на КОВИД-19 сега им е јасно дека ова е сериозна закана и мораме сериозно да се однесуваме“, рече министерот Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.

    Во изминативе 24 часа има 18 новозаболени пациенти, со тоа вкупната бројка е 259. Во текот на прес-конференцијата Институтот за јавно здrавје потврди уште 2 позитивни пациенти, така што бројката наместо 16 како што соопшти министерот Венко Филипче на прес-конференцијата изнесува точно 18.

    По градови новозаболените се од: Штип – 6, Скопје – 3, Велес – 3, Струга – 2, Струмица – 1, Дебар – 1, Тетово – 1, Гевгелија – 1.

    „Двајца пациенти имаат негативни тестови, а утре ќе им бидат направени втори тестови на уште 5 лица. Се очекува деновиве на домашно лекување да бидат пуштени 7 лица“, рече Филипче.

    Според местото на живеење, досега случаи на КОВИД-19 се регистрирани во:

    – Скопје – 145
    – Дебар – 46
    – Куманово – 21
    – Штип- 14
    – Прилеп – 8
    – Велес – 6
    – Тетово – 5
    – Струга- 5
    – Охрид – 3
    – Кавадарци – 2
    – Гостивар – 1
    – Битола – 1
    – Гевгелија – 1
    – Струмица – 1

    Досега од коронавирус во земјава се починати 6 лица.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира