ДВАНАЕСЕТ ЛИЦА, ОД КОИ ДВЕ 4-ГОДИШНИ ДЕЦА СЕ ВО ДОМАШНА ИЗОЛАЦИЈА, ПО ПОЈАВАТА НА КОРОНАВИРУС ВО ЗЕМЈАВА

    ДВАНАЕСЕТ ЛИЦА, ОД КОИ ДВЕ 4-ГОДИШНИ ДЕЦА СЕ ВО ДОМАШНА ИЗОЛАЦИЈА, ПО ПОЈАВАТА НА КОРОНАВИРУС ВО ЗЕМЈАВАСопатниците на 50-годишната жена кои вчера наутро со комбе го поминале граничниот премин Табановце и нивните семејства се во домашна изолација во домовите во Скопје и Струмица, под полициски надзор, кажа министерот за здравство Венко Филипче. (Фото: Министерство за здравство)

    Дванаесет лица, од кои две деца на возраст од околу 4 години се во домашна изолација, по првиот случај на Македонка заразена со коронавирус, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

    Станува збор за деветмината сопатници на 50-годишната жена кои вчера наутро со комбе го поминале граничниот премин Табановце. Тие доаѓале од Италија.

    Патниците, како што кажа Филипче, комуницирале само со најблиските членови на нивните семејства, и затоа со уште четири лица се во домашна изолација во домовите во Скопје и Струмица, под полициски надзор.

    „Надзорот добро се спроведува, во соработка со претставници на Црвениот крст им се носи храна и вода. Имаат одлична соработка со епидемиолозите од Центарот за јавно здравје Скопје и имаат одлично разбирање за состојбата“, кажа министерот.

    Според него изолацијата трае 14 дена, а доколку во тие денови пројават симптоми на коронавирус, тогаш ќе бидат спроведени во изолација на инфективните одделенија, кои ги има во Скопје, Штип, Гостивар и Велес.

    „Ниту едно од лицата нема симптоми засега. Епидемиолозите ќе одлучат дали ќе ги тестираат после пет дена во изолација или после 14 дена“, рече тој.

    На новинарско прашање дали пациентката со коронавирус ќе сноси некаква одговорност со оглед на тоа дека дала лажни информации за нејзината здравствена состојба при влезот во државава, Филипче рече: „Во моментов сме фокусирани на нејзиното лечење и се надеваме дека се ќе биде добро, како за неа така и за останатите патници. Сето друго е од второстепено значење“.

    Министерот додаде дека денес беа тестирани три лица за коронавирус и тестовите се негативни.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира