ЕДНА ГОДИНА ОД ПРВИОТ СЛУЧАЈ НА КОВИД-19 ВО ЗЕМЈАВА: НАД 100 ИЛЈАДИ ЗАРАЗЕНИ И 3.111 ПОЧИНАТИ

    ЕДНА ГОДИНА ОД ПРВИОТ СЛУЧАЈ НА КОВИД-19 ВО ЗЕМЈАВА: НАД 100 ИЛЈАДИ ЗАРАЗЕНИ И 3.111 ПОЧИНАТИВо земјава од ковид-19 заболеа 3.439 здравствени работници. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Со 101.214 ковид дијагностицирани од 512.692 тестирања, Македонија денес означува една година борба со коронавирусот. Од почетокот на коронакризата оздравеа 90.685, починаа 3.111, а активни случаи заклучно до вчера се 7.418.

    • На 19 декември 2020 во светот се појави првиот случај на ковид-19  во Вухан, Кина .
    • Првиот случај во Еврoпа е регистриран во Франција на 24 јануари, а во Италија на 31 јануари.
    • Првиот случај на македонски државјанин заразен од болеста беше вработен на бродот „Дајмонд Принцес“, каде на 4 февруари е потврден првиот заразен случај. На истиот брод биле уште двајца македонски државјани, сите дел од екипажот.
    • На 13 февруари, Министерството за здравство  објави листа на препораки за превенција на граѓаните од коронавирусот, како на пример задолжително и често миење раце и при кашлање или кивање да се заштити устата и носот со марамче или да се кашла/кива во подлактица, а не во дланка.
    • Формиран е Кризен штаб по последните податоци за ширење на коронавирусот во Северна Италија, кога  беа затворени 11 градови.
    • Од 24 февруари беа скенирани сите патници што допатуваа од Милано на аеродромите во Охрид и Скопје со редовните линии на Визер.
    • Со одлука на Владата, ограничено е влегувањето во земјата од кризните подрачја од Северна Италија само преку аеродромите во Скопје и Охрид и граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир. На аеродромите во Скопје и Охрид, мерките се проширени и не се скенираат само патниците од Истанбул и Дубаи, туку сите патници се скенираат на местото каде што се влегува во делот за царина.
    • На 25 февруари беше објавена листа со 14 телефонски броеви за контакт по пристигнување во територијата на Македонија и за пријавување при сомнителни симптоми налик на коронавирусот
    • „Апелирам до пациентите кои доаѓаат од критичните места точно да одговараат на прашањата на граничните полицајци и на вработените во царина. Да не кријат информации. Да се придржуваат до упатставата кои ги добиваат во информативните материјали на аеродромите и на граничните премини, и доколку се сомневаат на симптоми, да не одат по клиниките, туку да се јават на еден од десетината телефони во Центарот за јавно здравје и во Институтот за јавно здравје“, рече Филипче на 25 февруари.
    • Владата им наложи на сите основни и средни училишта, како и сите универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија. Владата им препорача на граѓаните да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на коронавирусот.
    • На 26 февруари е регистриран првиот случај на заразен со коронавирус. „Педесетгодишна жена од Скопје е позитивна за вирусот ковид-19. Нема простор за паника. Епидемиолошките анализи укажаа дека таа веќе еден месец била во Италија. Веќе две недели е болна и иницијално се третирала во Италија, но таму не била тестирана за коронавирус и директно се упатила кон Инфективната клиника во Скопје откако пристигнала. Не претставувала опасност да ја пренесе болеста“, изјави Филипче на прес-конференција во Владата.
    • На 6 март позитивени ковид тестови добија двајца сопружници од Дебар, кои неколку дена претходно се вратија од Италија. По нивниот случај, Дебар стана жариште и беше ставен во карантин. 66-годишната жена почина на 25 март.
    • На 9 март бројот на заразени се искачи на седум. Една од заразените лица беше тогашната директорка на Клиниката за кожни болести чиј резултат беше позитивен по враќањето од зимување во Италија.
    • На 10 март Комисијата за заразни болести препорача затворање на градиниките, училиштата и факултетите во наредните 14 дена. Комисијата предложи да се забранат сите масовни собири на отворено и затворено, сите културни настани на ниво на државата и спортски натпревари, а повозрасните лица да избегнуваат јавен превоз. Комисијата препорача сите вработени во јавното здравство да бидат ослободени од понатамошни активности поврзани со изборниот процес. Училиштата се отворија дури на 1 октомври, и тоа со физичко присуство само за ученици од прво до трето одделение.
    • Првата пациентка која беше заболена со коронавирус, на 16 март замина на домашно лекување.
    • Претседателот Стево Пендаровски на 18 март прогласи воена состојба.
    • Жена на 57 години од Куманово беше прв смртен случај од коронавирус на 22 март.
    • Полицискиот час како мерка против ширење на коронавирусот беше воведен на 22 март. Првиот полициски час беше од 21 до 6 часот. Оттогаш па понатаму се менуваше времето за забрана за движење во зависност од бројот на новозаболени лица и ширење на вирусот.
    • Најголем број смртни случаи се регистрирани на 30 ноември 2020 – 40 починати.
    • Пикот на епидемијата во земјава беше на 17 ноември, кога во еден ден беа регистрирани 1.406 нови случаи на ковид-19 од 3.398 тестирања, или 41.3 отсто од тестираните.
    • Од случаите кои се епидемиолошки истражени (72.129; 81,1%), кај 17.126 или 23,7% од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето.
    • Од случаите кои се епидемиолошки истражени (72.129; 81,1%), пријавени се 412 (1,8% од пријавените женски лица во фертилен период) случаи кај бремени жени, од кои 58 биле хоспитализирани во текот на болеста. Од вкупниот број на регистрирани бремени жени, 119 се асимптоматски случаи.
    • Регистрирани се 3.439 (4,8%) случаи на заболување меѓу здравствени работници.
    • Во однос на дистрибуцијата по пол, регистрирани се 50.575 машки и 48.833 женски лица.
    • Возраста на заболените се движи од 0 до 101 година (просек – 45,5 години). Најголем број на заболени се на возраст над 60 години – 23.586 (23,7%)
    • Вакцинацијата против ковид-19 во земјава почна на 17 февруари 2021, а во првата фаза се здравствените работници кои работат со ковид пациенти. Се вакцинираат со над 8.000 дози вакцина на „Фајзер“ која е добиен како помош од Србија.
    • Сè уште не е познато кога ќе почне општата имунизација на населението според Националниот план, оти и покрај обезбедените околу милион дози вакцини од различни производители, нема конкретен датум за нивната испорака.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира