ЕУ ПОЧНA КАМПАЊА ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ, СО НАЈАВА ЗА ПОМОШ ОД 150 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ОПШТИНИТЕ

    ЕУ ПОЧНA КАМПАЊА ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ, СО НАЈАВА ЗА ПОМОШ ОД 150 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ОПШТИНИТЕПреку кампањата на ЕУ под името „Замисли иднина заедно“ ќе се остваруваат посети на општините низ земјава, на граѓаните ќе им се презентира можностите и финансиската поддршка што ја овозможувува Европската унија.- Официјална фотографија за кампањата на Делегацијата не ЕУ.(Фото: Канцеларија на ЕУ во Македонија)

    Европската унија најави кампања со која ветува 150 милиони евра помош за општините во Македонија во наредните четири години. Од први септември амбасадорите на земјите членки на ЕУ ќе одат од општина во општина на средби со граѓаните, на кои ќе ги презентираат придобивките од членството на Македонија во Европската унија.

    Кампањата ја спроведува Делегацијата на ЕУ во Македонија под името „Замисли иднина заедно“. Таа е во пресрет на референдумот на 30 септември на кој граѓаните треба да одговорат на прашањето „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција?“.

    При посетите на општините низ земјава, Делегацијата на ЕУ  за граѓаните ќе организира работилници на кои ќе им ги презентира можностите и финансиската поддршка што ја овозможува Европската унија. Според програмата, за наредните 4 години, ЕУ им нуди 150 милиони евра на општините за реализација на проекти кои ќе ги подобрат условите за живот во локалните средини.

    Според програмата за наредните 4 години, ЕУ им нуди 150 милиони евра на општините за реализација на проекти кои ќе ги подобрат условите за живот -Премиерот Зоран Заев и евроамбасадор Самуел Жбогар  на означувањето на почетокот на кампањата. (Фото: Влада на РМ)

    Во пресрет на референдумот, подготвен е и и видео спот „Замисли уште колку многу можеме да постигнеме заедно“, во кој се претставени дел од проектите кои до сега се реализирани со помош на европските фондови.

    Почетокот на кампањата „Замисли иднина заедно“ беше означен вчера. На настанот присуствуваа премиерот Зоран Заев, амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар, генералниот директор за соседски политики и преговори за проширување во Европската Комисија, Кристијан Даниелсон, како и градоначалниците и претседателите на општинските совети, претставници од дипломатскиот кор и претставници од граѓанскиот сектор.

    На означувањето на почетокот на кампањата, Даниелсот ги повика граѓаните да излезат на референдумот и кажа дека тој е од суштествена важност за идната евроатлантска патека на Македонија.

    „На 30 септември граѓаните ќе направат избор што ќе ја одреди иднината на вашата земја и тој избор ќе има последици за идните генерации. Ве повикувам да го искористите вашето демократско право и да гласате на претстојниот референдум, рече генералниот директор за соседски политики и приговори за проширување во Европската Комисија Даниелсон.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари