Прв на денешната седница за пратенички прашања во Собранието говореше пратеникот и лидер на СДСМ Венко Филипче, кој им кажа на премиерот Христијан Мицкоски и на Владата да не си играат играчки со експерименти со хлорот, зашто во Гостивар неписмени луѓе со хиперхлорирањето без да ги отстранат органските соединенија, предизвикале опасност од малигни заболувања.
„Водата е загадена во пола држава: во Гостивар, во Валандово, во Скопје, во повеќе општини, а немате одговор на многу прашања. Беше загадена водата во болницата во Лешок, внимавајте! Чија е одговорноста, кој правел контрола, зошто не се јавувале и пријавувале соодветно резултатите? Зошто не ги објавувате резултатите од водата во Гостивар? Зошто имате контрадикторни изјави, вие едно, министерот за здравство друго, дека наводно ќе била добра за пиење, а потоа ќе била само технички исправна водата? Луѓето се збунети, не знаат што да прават и не знаат кому да веруваат“, рече Филипче кој е лекар и додаде:
„Го пуштате министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да зборува за чистење на водата, за хлорирање и хиперхлорирање, а човекот нема капацитет, не знае за тоа, не му е тоа сфера на експертиза. Внимавајте, хиперхлорирање на водата! Носи зголемен ризик од малигни болести. Не си играјте играчки. Дајте некој што знае и што ја разбира работата и кој има експертиза да се занимава со тоа. Потребно е прво да се отстранат органските соединенија, а после да се прави хлорирање на водата“.
За случајот од 24 јули кога течеше бела пена во реката Лепенец во близина на изворот Рашче во Скопје, тој предупреди дека јавноста и понатаму не добива одговори иако станува збор за место каде во близина има бунари кои го дополнуваат изворот на вода од која пие целиот главен град.
Барајќи одговор, како што рече, кој е виновен за моменталната ситуација во државата, потоа тој се префрли на животниот стандард. Праша и по кои сомнителни патишта ја одведе Македонија заемот од една милијарда евра, за кого сега истрага покренува унгарската влада.
„Паѓаат во вода приказните за стандардот на граѓаните. Секој ден ви е полна устата дека четврти сме биле во Европа, трети, сега сме први, ама луѓето знаат како живеат. Тие живеат на работ на егзистенцијата. Евростат го потврди тоа: последни сме во Европа по стандардот и по примањата, најниски, на дното“, рече Филипче
За корупцијата, Филипче потсети на последните оценки од Европскиот парламент за состојбата во државата.
„Последниот извештај на Европскиот парламент, еден од најлошите досега во оваа смисла, покажува лошо справување со корупцијата, директно влијание на власта врз независното судство. И вие немате никаква реакција на тоа. Напротив, продолжувате со партизација на судовите“, редеше забелешки претседателот на СДСМ.
Филипче ја критикуваше и вчерашната намерата на Владата да донесе закон со кој за проектот „Скопје Европска престолнина на културата 2028“ нема да важат системските правила за јавни набавки од 21 милиони дравни и пари од европски фондови.
За вропската интеграција, Филипче дека Владата самата ги демантирала наративите што ги пласирала со години и го обвини премиерот Мицоски дека намерно тој и членовите на раководството на ВМРО-ДПМНЕ не сакаат во Европска Унија.
„Моето прашање е следно: кој премиер е крив за овие работи? Јас знам, вие ќе кажете, Венко е крив, СДСМ е крива за сè ова, меѓутоа граѓаните знаат дека вие ја сносите одговорноста за сите овие работи. Но сакам тоа да го слушнам од вас. Кој премиер е крив за сите овие работи во државата?“, кажа Филипче.
Место да одговори конкретно на прашањето, Мицкоски излезе на говорницата и покажа испечатена слика од Филипче и градоначалникот на Гостивар. Покажа и стари документи за неисправна вода во неколку града, додека Филипче бил министер за здравство.
„Има луѓе од вашата пратеничка група од Прилеп. Извештај од Центарот за јавно здравје во Прилеп од 1 февруари 2019 до 28 февруари 2019 и се однесува за градовите Прилеп, Крушево и Македонски Брод. Самиот извештај вели дека има неисправност на водата поради тоа што има бактериолошка неисправност и физичко-хемиска неисправност на примероците. Преземено, ништо. Следен извештај 1 март 2019 до 31 март 2019, повторно за истите градови, и повторно преземено ништо. Можам да ви редам многу вакви извештаи. Овде има цел сноп за Гостивар и за околината. Вие сте министер во тој период. Не само што ви гореа модуларни болници, туку како доктор вие не се држевте до заклетвата. Вие дозволувавте луѓето да конзумираат вода која во најмала рака кажано, претставувала ризик за здравјето на тие кои што ја конзумирале“, одговори Мицкоски.
Премиерот рече дека не се заканува, ама го повикува Обвинителството да се позанимава и со наводите од минатите извештаи.
За истрагата за унгарскиот заем со кинеско потекло чија камата ќе ја плаќале граѓаните на Унгарија, Мицкоски кажа дека тоа всушност е доказ под колку поволни услови Владата ја добила милијардата. Потоа следуваа статистики и пресметки за тоа колку Македонија е најдобра во економијата, кои Мицкоски ги читаше од говорницата подолго време.
Филипче не доби можност да се изјасни дали е задоволен од таквиот одговор од премиерот Мицкоски, бидејќи денешната седница за пратенички прашања е блокирана и веќе вторпат прекината.
С. К. ДЕЛЕВСКА



