ФИЛИПЧЕ ТРЕБА ДА ГО СПАСУВА ЗДРАВСТВОТО КАКО ДА СПАСУВА ПАЦИЕНТ НА УМИРАЊЕ СО ДОЛГ ОД 57 МИЛИОНИ ЕВРА

    ФИЛИПЧЕ ТРЕБА ДА ГО СПАСУВА ЗДРАВСТВОТО КАКО ДА СПАСУВА ПАЦИЕНТ НА УМИРАЊЕ СО ДОЛГ ОД 57 МИЛИОНИ ЕВРАд-р Венко Филипче, неврохирург на Клиниката за неврохирургија, вчера беше избран за министер за здравство (фото:СДК.МК)

    Увоз на сомнителни лекови со паралелен увоз, болници без лекари, недоволно медицински сестри, недостиг од реагенси, лекови и материјал за работа, преполни амбуланти, промени на системот за закажување Мој термин, се само дел од нерешените проблеми, кои го чекаат новиот министер за здравство д-р Венко Филипче, кој вчера беше избран во Собранието за носител на оваа функција.

    Хаосот во здравството особено дојде до израз откако претходниот министер д-р Арбен Таравари, беше избран за градоначалник на Гостивар. Здравството како пациент на умирање скоро четири месеци чекаше министер, кој треба брзо и ефикасно да делува за да го оддржи во живот.

    • Болните од ретки болести половина година беа оставени без лекови, поради пропусти во набавките. Кога конечно лековите беа набавени и донесени во магацините на веледрогериите, тие уште месец и половина не можеа да добијат терапија, оти никој во Министерството не направил нарачка тие лекови да се дистрибуираат на клиниките, каде болните ги примаат.
    • Дијабетичарите на неколку наврати алармираа дека доцни доставата на инсулин во инсулинските аптеки и дека се сомневаат во квалитетот на лековите што ги примаат, кои со паралелен увоз се носат од Турција. Овие сомнежи ги подгреа изјавата на директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев дека претходните власти овозможиле увоз на сомнителни и фалсификувани лекови токму преку паралелениот увоз. Министерството за здравство подготви измени на Законот за лекови и медицински помагала, но истрагата на Народниот правобранител покажа дека понудените законски измени нема да направат суштински промени во паралелниот увоз на лекови.
    • Дел од болниците затворија цели оддели и хируршки одделенија оти со текот на годините или останаа без лекари, или пак како во случајот соГрадската општа болница „8 Септември“ кубурат со средномедицински кадар.
    • Нерешен остана и проблемот со изградбата на Клиничкиот центар во Скопје, за кој техничкиот министер за здравство Никола Тодоров, неколку дена пред изборот на новата влада потпиша договор за негова изградба во вредност од 72 милиони евра. Екс министерот за здравство Таравари летово најави дека проектот е запрен и дека заедно со владата бараат решение, односно дека странска консултантска фирма ќе прави ревизија на проектот.
    • Според официјалните податоци објавени на веб страницата на Фондот за здравствено осигурување болниците и клиниките до први септември годинава имаат долгови од 3,5 милијаради денари, или речиси 57 милиони евра.
    • Нефункционалниот систем за закажување прегледи Мој термин може секојдневно да се види во амбулантите на клиниките, каде кај еден доктор во една смена има и по четириесетина пациенти, а згора на тоа тука се и пациентите со приоритетни упати и оние што се итни слуачаи. Промени на системот за електронско закажување побара и Лекарската комора, со објаснување дека 15 минути по пациент не се доволни за преглед.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира