ФИНСКОТО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО ПРЕДЛАГА ЕМ ОТВОРАЊЕ ПРЕГОВОРИ СО МАКЕДОНИЈА, ЕМ РЕФОРМА НА ЕУ КАКО ШТО БАРА ФРАНЦИЈА

    ФИНСКОТО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО ПРЕДЛАГА ЕМ ОТВОРАЊЕ ПРЕГОВОРИ СО МАКЕДОНИЈА, ЕМ РЕФОРМА НА ЕУ КАКО ШТО БАРА ФРАНЦИЈАНе се знае дали предлогот на Финска како претседавач на ЕУ вечерва ќе биде прифатен од Франција, која бара прво да се донесе новата методологија за процесот на проширување, а потоа да се додели датум за преговори за Северна Македонија и Албанија, и најверојатно конечната одлука сепак ќе се донесе на Самитот в четврток, велат владини извори; - Заев со Макрон и Меркел на состанокот во Берлин во април 2019. (Фото: Фејсбук/Зоран Заев)

    Финска како претседавач со Европската Унија предлага да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија, во меѓувреме да се усвои нова методологија за преговори која ја бара Франција, при што Меѓувладината конференција меѓу земјава и владите на ЕУ да се одржи најдоцна во првата половина од 2020. Според извори од македонската влада, овој заклучок е во драфт документот што треба да се усвои вечерва во Брисел, на последниот состанок на Комитетот на постојани претставници (Корепер) пред утрешниот Министерски совет во Луксембург, кој претходи на самитот на Европскиот совет на шефови на влади и претседатели на земјите од ЕУ в четврток.

    Според владините извори, не се знае дали предлогот на Финска како претседавач на ЕУ вечерва ќе биде прифатен од Франција, која бара прво да се донесе новата методологија за процесот на проширување, а потоа да се додели датум за преговори за Северна Македонија и Албанија. Најверојатно е, велат изворите, дека конечната одлука сепак ќе се донесе на Самитот в четврток.

    Франција бара новата методологија да се однесува за сите земји кандидати за ЕУ, пристапниот процес да биде поскалест и реверзибилен – ако земјата назадува во преговорите повторно да се врати на поглавјето во кое не е забележан очекуваниот напредок.

    Владини извори велат дека за Македонија нема никакви забелешки ниту услови за отворање на преговорите со ЕУ, за разлика од Албанија за која има три забелешки кои ќе треба да ги исполни до почетокот на преговорите.

    Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека останува оптимист оти земјава ќе добие датум за почнување преговори со ЕУ и дека Франција не е против нашиот влез, туку дека принципиелно бара промена на методологијата за преговарање.

    На прашањето што ако сепак ЕУ не одлучи за отворање преговори со земјава, Заев рече: „Не сакам ни да размислувам. Петнаесет години чекаме. Донесовме крупни одлуки, реформите се сами по себе многу значајни, и се сто процентно потврдени со извештајот. ЕУ не смее да го казни најдобриот пример, бидејќи тоа е важно и за Европската Унија, и за регионот за следното мотивирање на лидери за реформирање на своите општества“.

    Франција почна официјално да го условува проширувањето со реформата на пристапниот процес откако на 10 октомври Европскиот парламент ја одби кадидатката за комесар Силви Гулар, предложена од претседателот Емануел Макрон. Гулар, која е близок сојузник на Макрон, беше лично негов избор за високата функција комесар за надзор над европскиот внатрешен пазар, индустрија и одбрана. Европарламентот ја одби поради сомнеж дека таа е соодветна за функцијата оти е под истраги за финансиски малверзации, а претседателот на Франција рече дека одбивањето е резултат на „политичка игра“. Макрон сега треба да предложи нов кандидат за комесар, кој треба да го одобри и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен и да го усвои Европскиот парламент.

    Новата Европска комисија, која ги предлага законите на ЕУ и обезбедува нивна имплементација низ целиот блок, треба да стапи на функција на 1 ноември.

    М. ИЛИОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира