Градежната фирма „Еуровиа“ од Желино, која е донатор на ДУИ, имала најевтина понуда на тендерот за преадаптација на спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје за министерската конференција на ОБСЕ и затоа со неа е склучен договорот, објаснуваат од Министерството за надворешни работи (МНР). Според податоците на Бирото за јавни набавки, договорот меѓу МНР и „Еуровиа“ е во висина од 1,8 милиони евра и е склучен на 21 август годинава.
Како што објави вчера „Фокус“ фирмата од Желино е во сопственост на Ељмедин Адеми, внук на поранешниот министер од ДУИ, Абдулаќим Адеми. Сопственикот Ељмедин лани на ДУИ како физичко лице донирал 2.509.200 денари (над 40.000 евра), додека правното лице „Еуровиа“ донирало 1.845.000 денари (30.000 евра).
Од МНР велат дека станува збор за најголемиот меѓународен политички настан кој некогаш се организирал во државата, на кој ќе присуствуваат околу 70 министри за надворешни работи на земјите-учеснички на ОБСЕ.
„Адаптацијата на објектот на спортскиот центар ‘Борис Трајковски‘ задолжително мора да се направи почитувајќи ги стандардите и безбедносните протоколи на ОБСЕ. Овој настан секоја земја-претседавач го организира на крајот на годината од своето претседателство. За таа цел, беа направени соодветни проценки на потребните работи кои беа одобрени од централата на ОБСЕ, а кои предвидуваат голем обем на работи утврдени со техничка спецификација согласно барањата на организацијата“, велат од МНР.
Од таму додаваат дека на јавната набавка која била транспарентно спроведена се пријавија вкупно четири компании, а изборот на изведувач на работите се вршеше врз основа на понудена најниска цена.
„Избраната компанија имаше понудено убедливо најниска цена, која достигнува разлика и до два и пол пати пониска од треторангираната и четврторангираната компанија. Увид во постапката и изборот, кој е целосно согласно процедурите, имаат сите институции и јавноста, а одлуката ја потврди и Второстепената комисија. За предвидените работи беше склучен договор во рамковен износ до 95.000000 денари, а ќе се искористи согласно потребите и поединечните цени понудени како најниски за извршените работи“, додаваат од МНР.
Велат дека претседавањето со ОБСЕ на земјава е едно од најниско буџетни претседавања во поновата историја на ОБСЕ, а ќе се вброи во претседавањата со извонредено голем број на активности, организирани настани и покренати иницијативи.
„Треба да бидеме свесни дека вака значајните меѓународни активности на секоја земја чинат пари и бараат буџетски издвојувања. Нашиот буџет за Претседавањето со ОБСЕ ќе биде најмал во споредба со сите други во последните 10 години“, објаснуваат од МНР.
А. АНТЕВСКА