Владата потврди дека го добила францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија и отворање на преговорите за Македонија. Од Владата велат дека предлогот ќе оди на широка јавна расправа бидејќи одлуката за иднината на земјава треба да се донесе заеднички, мериторно и согласно.
„До Владата преку Министерството за надворешни работи, од француското претседателство пристигна предлог со идеи кои се однесуваат на нашите jaвно изнесени позиции и ставови. Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со Претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата“, соопштија од Владата.
Од Владата додаваат дека упатуваат благодарност до претседателот Емануел Макрон и француското претседателство, за нивните напори да се надминат пречките и да се зачува европскиот кредибилитет на Балканот.
Францускиот претседател Макрон денеска на прес-конференција на НАТО самитот во Шпанија кажа дека мисли дека е најден компромис за Преговарачката рамка за членство на Македонија во Европската унија, кој ја вклучува и Бугарија.