Оддели од Клиниките за гастроентерехепатологија, Рентегенологија, Нефрологија, Клиниката за уво, нос и грло, и за Клиниката за очни болести ќе се адаптират да примааат ковид пациенти, откако ќе се исполнат и местата на Кожната клиника и на Клиниката за неврологија, најави министерот за здравство Венко Филипче.
Министерот на заедничка прес-конференција со директори на повеќе клиники, како д-р Милена Стевановиќ од Инфективна и д-р Дејан Докиќ од Пулмологија, кажа дека во болниците моментално се лекуваат 890 пациенти, дека целосно се исполнети капацитетите на Инфективна и на монтажната болница, како и дека има уште места во Центарот за белодоробни заболувања. Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ има капацитетот од 100-на кревети, и ако има потреба ќе се ослободат уште, и сето тоа, рече Филипче, без да се загрози нормалното функционирање на болницата.
Филипче рече дека периодов е зголемен притисокот врз службите од Брза помош, и дека се прави координација за да одговорат на потребите на граѓаните, а во однос на брзите тестови, веќе од утре ќе се пуштат уште шест пункта во Скопје, што значи дека дневно ќе се прават плус 500 брзи тестови во Скопје. Филипче додаде дека се стигнати вакцините против сезонки грип, а вакцинацијата ќе почне од вторник.
„На утринскиот состанок во Комисијата за заразни болести разговаравме дека нема потреба од дополнителни рестрикции. Очекуваме за 2 до 3 недели да се видат резулатите од веќе воведените мерки против ширење на ковид-19. Засега нема потреба ниту да се бараат капацитетите на приватните болници“, рече министерот.
Околу зголемената смртност изминатиов период, како и фактот дека починаа млади пациенти, д-р Стевановиќ рече дека тоа било очекувано со зголемувањето на бројот на заболени и исполнувањето на болничките капацитети.
„За жал, изгубивме млади луѓе, најголем дел се со хронични болести. Сакам да кажам дека иако на почетокот беше тоа занемарувано, и сите ние имаме по некој килограм вишок, но луѓето со голем вишок на килограми, се во сериозен ризик за заболување со тешка клиничка слика“, рече директорката на Инфективна.
Вкупно ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува се 36.372, оздравеа 22.526, починаа 1.084, а активни се 12.762.
Б. НЕСТОРОСКА