СПЕЦИЈАЛНО ЗА СДК.МК ОД БЕРЛИН – СИЛВЕРА ПАДОРИ – КЛЕНКЕ
Уште еден Јоханес, овој пат Германецот Хајндл, паралелно со Австриецот и актуелниот европски комесар за проширување и соседство Хан, ќе се ангажира за надминување на внатрешнополитичката криза во Македонија. Очекувањата од посредништвата на европските партнери очигледно не го донесоа расплетот кој во Германија се очекувал, па затоа, како што неофицијално дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во германското МНР, политички Берлин одлучил конкретно да делува.
Од вчера Германија директно се вклучува за надминување на политичката криза во Македонија. За специјален пратеник кој треба да го помогне разрешувањето е именуван искусниот дипломат Јоханес Хајндл.
Иако австрискиот Јоханес делува преку претставникот на ЕУ, Орав, а неизвесно е и кога германскиот Јоханес ќе пристигне во Скопје, јасно е дека притисокот од Германија за разрешување на македонскиот внатрешнополитички јазол се зголемува.
По некоја случајност, или не, вчера наспроти празникот Спасов ден, германскиот шеф на дипломатијата Франк Валтер Штајнмајер, го назначи искусниот дипломат за специјален пратеник за Македонија. Хајндл, кој моментно е амбасадор на Германија во Австрија, ако се суди според поклопувањето на неговото именувањето со денешниот празник (Christi Himmelfahrt), би требало да помогне да се спаси Македонија. Зашто повеќе од очигледно е дека политички Берлин не е задоволен со темпото на разрешување, односно влечкање или заострување на кризата во Македонија.
„ Внатрешнополитичката состојба во Македонија се уште и предизвикува голема загриженост на германската влада. Излезот од многу тешката и длабока внатрешнополитичка криза досега не е на повидок. Поради ова, министерот за надворешни работи на СР Германија Франк Валтер Штајнмајер одлучи да именува свој личен специјален пратеник за следење на состојбата во Македонија. Тој го замоли амбасадотот Јоханес Хајдл да ја преземе оваа функција. Амбасадотрот Хајдл веднаш ја започнува тесната соработка со Европската Комисија, САД и другите партнери, со цел да го поддржи посредништвото во надминувањето на внатрешнополитичката криза“. Изјави на владината прес конференција (среда) во Берлин портпаролот на германското МНР Матин Шефер. Со овој потег, како истакна Шефер уште еднаш се подвлекува ангажманот на Германија за Западен Балкан. Како во однос на европската перспектива која ја имаат сите земји од регионот, така и од аспект на нивната интеграција во евро-атлантските структури.
Со именувањето на Јоханес Хајндл за специјален пратеник, политички Берлин уште еднаш потврди дека не е само пасивен набљудувач на случувањата на Балканот и конкретно во Македонија. Напротив, Германија била активна секогаш кога имало закани за ескалација или кога се барало активирање и реформи. Во поблиското минато имало повеќе вакви примери, но секако најсвежа е иницијативата на канцеларката Ангела Меркел од крајот на август 2014 година кога во Берлин се оддржа првата Конференција за Западен Балкан. Тогаш со усвоената Декларација земјите од регионот се обврзаа за напредок во реформските процеси, постигнување на помирување во општествата, а како посебен предизвик за младите демократии беше истакнато подобрувањето на ефикасноста на владеењето.
За Македонија потписот во Декларацијата го стави тогашниот македонски премиер Никола Груевски.
Иронијата е дека само четири дена подоцна во Македонија пристигна германскиот дипломат Ернст Рајхел кој од блиску сакаше да се информира за дијалогот меѓу опозицијата и цивилното општество со власта. Иако изостанаа официјални изјави и коментари за позадината на експресно брзо организираната посета, неофицијално тоа беше јасен сигнал дека политички Берлин е загрижен за Македонија, особено за состојните во судството и во медиумите.
По аферите „Пуч„ и „Прислушување“ на почетокот на минатата година, Германија повторно во Македонија го испрати Рајхел кој од прва рака ги скенираше состојбите во земјата.
Едновремено и официјално се огласи германското МНР кое ја изрази загриженоста на германската влада „за кривичното гонење на македонскиот лидер на опозицијата Зоран Заев и на уште три други лица поради наводен обид за државен удар“. Беше оценето и дека во прашање е доведено функционирањето на демократската опозиција и беа повикани македонските служби да ги испитаат сериозните обвинувања во фер и транспарентна постапка.
На крајот на октомври минатата година Ернст Рајхел, во функција на специјален ополномоштеник за Западен Балкан, Турција и земјите од ЕФТА го повикал на разговор во германското МНР македонскиот амбасадор во Берлин Сашо Марковски. Во разговорот му го пренел разочарувањето и загриженоста на германската влада за имплементацијата на спогодбата од Пржино.
Последната капка во преполнетата чаша со трпение на првиот германски дипломат Штајнмајер за Македонија беа случувањата со аболицијата која ја објави претседателот Иванов и лавината протести кои следеа. Пред само шест дена Штајнмајер ја предупреди Македонија дека самата си го блокира патот до ЕУ и НАТО. На средбата со албанскиот ресорен колега Дитмир Бушати тема била и Македонија. Потоа следеше барањето шефот на дипломатијата да ги прокоментира најавите за можните санкции кон Македонија и кон одредени политичари кои неофицијално биле најавувани од ЕУ. Штајнмајер при тоа децидно подвлече:
„Се надевам дека во Македонија постои реалистично гледање на нештата, дека растечката нестабилност и долготрајниот конфликт многу ќе го отежнат патот на земјата кон ЕУ и НАТО“.
Затоа и изворите на САКАМДАКАЖАМ.МК во Берлин велат дека Германија е консеквентна и активна. А, кога има активност и онаму каде е тешко – доаѓа до раздвижување. Германскиот дипломат Јоханес Хајндл нема да има нималку лесна задача. Но, можеби е добар знак што задачата да и помогне на Македонија ја доби наспроти Спасов ден!