ГРУЕВСКИ ИСТО КАКО НА 27 АПРИЛ ГИ ОСТАВИ СОПАРТИЈЦИТЕ САМИ ДА ГО БЛОКИРААТ СОБРАНИЕТО

    ГРУЕВСКИ ИСТО КАКО НА 27 АПРИЛ ГИ ОСТАВИ СОПАРТИЈЦИТЕ САМИ ДА ГО БЛОКИРААТ СОБРАНИЕТОПратеникот Никола Груевски е во најголемата од 10-те пратенички групи на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј координатор е Илија Димовски (Фото: СДК.МК)

    Пак од далеку, надвор од Собранието, бидејќи со денови не доаѓа на работа, пратеникот и лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ја гледа битката на неговите 50 пратеници-сопартијци како го блокираат Собранието. Пред  27 април блокадата беше за избор на претседател на Собранието од редовите на новото парламентарно мнозинство на чело со СДСМ, а сега е за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски.

    На 27 април  Груевски, како што во интервју кажа и самиот, ситуацијата ја следел и се јавувал од Виена па бил во контакт и со ексдиректорот на БЈБ Митко Чавков, а сега блокадата на Собранието од 50-те пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ја следи од Македонија, бидејќи пасошот му е одземен од судот како замена за мерка притвор во случајот „Титаник“ на СЈО каде тој е обвинет.

    На местото каде што треба да седи Груевски во Собранието има куп хартија висок скоро пола метар, материјали насобрани оти тој не дошол да ги земе. Тој исто така е член и на собраниската комисија за уставни прашања. Груевски е во најголемата од 10-те пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ, чиј координатор е Илија Димовски.

    САКАМДАКАЖАМ.МК дознава од пратеничките редови на ВМРО-ДПМНЕ дека имало негодување по 27 април од Илија Димовски, Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, дека само ним им била дадена опасната задача да даваат одвнатре информации за погоден момент за упад во Собранието на 27 април. На Крсто Мукоски и Сашо Василевски кои ги отвориле добро обезбедените, тешки собраниски врати за да влезат насилниците и кои се под истрага на обвинителството, им се заканува кривична одговорност.

    За да ја поделат одговорноста за блокадата на Собранието овојпат, за разрешувањето на Зврлевски била испланирана друга тактика. Да се формираат 10 пратенички групи, со 10 координатори на пратеничките групи и по двајца заменици координатори на секој од нив, за да се сподели одговорноста и да не падне само кај четворица луѓе како на 27 април.

    Засега сѐ оди според планот. Координаторите ги користат сите можни права што им ги дава Собранискиот деловник за земање збор, барање чести паузи, реплики и контрареплики. Исто како и на 27 април, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ незагрижени како изгледа тоа кај публиката што ги следи, си „реплицираат“ сами на себеси. Всушност, нема реплика, само во потврдна форма на колегите што имале збор или реплика претходно, им ги довршуваат и надополнуваат нивните мисли и реченици и продолжуваат за го зборат истото, надополнувајќи се едни со други.

    На свој начин, во рамки на законите и деловникот, претседателот на Собранието Талат Џафери се обидува да им се спротивстави на ваквите злоупотреби од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.  Додека сите паѓаа од замор, Џафери насмеан и свеж како да е почеток на работен ден, поради  честите паузи синоќа ги остави да работат пратениците до три и пол утринава.

    Осмата седница, на која се расправа за предлог-завршната сметка за Буџетот од 2016, продолжува во 13 часот. Ќе се работи по сѐ изгледа и утре иако неизвесно е дали и кога ќе продолжи прекинатата шеста седница за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира