Македонија и Холандија ја одбележаа 25-годишнината од воспоставување на дипломатските односи со портокалова забава во чест на холандската национална боја, а холандскиот амбасадор Ваутер Пломп и министерот за надворешни работи Никола Димитров кажаа дека односите меѓу двете земји се многу добри, со стабилен политички дијалог и без отворени прашања.
Македонија и Холандија дипломатски односи воспоставија на 16 декември 1993, со размена на вербални ноти меѓу двете министерства за надворешни работи меѓу тогашните министри за надворешни работи Петер Којманс и Стево Црвенковски.
„Холандија останува строг и правичен пријател на Македонија. Бидејќи вистинските пријатели секогаш ќе бидат искрени со вас и истовремено ќе ви ја понудат и својата помош. Бидејќи сакаме да ја видиме Македонија како наш директен и рамноправен партнер во ЕУ и НАТО“, рече амбасадорот Пломп, заблагодарувајќи им се на своите претходници, тимот на амбасадата и македонското општество кое ја прави Македонија одличен домаќин.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров ја истакна важноста на пријателскиот однос и поддршката од холандската влада во текот на изминатите 25 години.
„Холандија е пријател кој секогаш директно ги кажува нештата кои треба да се кажат. Доколку ги слушнеме, заедно со нашите холандски пријатели можеме да се осигураме дека македонското лале ќе започне да цвета во смисла на започнување на нашата европска приказна“, рече Димитров.
Холандија е еден од најголемите билатерални донатори од земјите-членки на ЕУ, традиционален партнер и принципиелен поддржувач на македонските заложби за членство во ЕУ и НАТО, како и прв инвеститор во Македонија и важен трговски партнер на земјата. Во последните 25 години Холандија има инвестирано преку 250 милиони евра како поддршка за македонските институции, приватниот сектор, граѓанското општество, медиумите, културата и образованието. На годишно ниво околу 30.000 холандски туристи го поминуваат својот летен одмор во Македонија, а тука се регистрирани и над 180 холандски компании.