И ФУНКЦИОНЕРИТЕ НА ДУИ СЕ ОТКАЖУВААТ ОД ПЛАТИТЕ, ВЕЛАТ ТОА Е МОРАЛНА ДОЛЖНОСТ

    И ФУНКЦИОНЕРИТЕ НА ДУИ СЕ ОТКАЖУВААТ ОД ПЛАТИТЕ, ВЕЛАТ ТОА Е МОРАЛНА ДОЛЖНОСТ„Одлуката на Уставен суд мора да се почитува, но солидарноста е лично право и морална должност на секој од нас“, напиша Османи. (Фото: Влада)

    Функционерите на ДУИ ќе одат на минимална плата и разликата ќе ја донираат во солидарниот фонд за КОВИД-19, објави вицепремиерот Бујар Османи.

    „Одлуката на Уставен суд мора да се почитува, но солидарноста е лично право и морална должност на секој од нас. Ние, министрите, замениците министри и државните секретари во Владата, кои доаѓаат од редовите на ДУИ, одлучивме разликата на нашите примања, над минималната плата, да го донираме во солидарниот фонд на Владата“, напиша вечерва на својот Фејсбук профил Османи.

    Откако вчера Уставниот суд поведе постапка за уставноста на Уредбата на Владата и забрани да се кратат платите, функционери од СДСМ од вчера вечерта преку статуси на нивните фејсбук профили најавија дека ќе се откажат од целата плата за април и мај.

    Од владејачката СДСМ ја оценија одлуката на Уставен како срамна и рекоа дека раководството на партијата во моментов го дефинира механизмот со кој ќе одговорат на одлуката на Уставен суд.

    Владата на 11 април како дел од економските мерки за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19 ја донесе Уредбата со која министри, пратеници, судии, обвинители, директори и сите други избрани и именувани лица одат на минимална плата од 14.500 денари во април и мај. Со оваа одлука ќе бидат опфатени 1.165 функционери и 895 директори, а вкупната заштеда за два месеци ќе биде 240 милиони денари или 3,9 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира