ИМАМ САМО МАКЕДОНСКО ДРЖАВЈАНСТВО, ГРАЃАНИТЕ ТРЕБА ДА ЗНААТ КОЛКУ ПАСОШИ ИМААТ ПОЛИТИЧАРИТЕ, ВЕЛИ ВИЦЕПРЕМИЕРОТ ДИМИТРОВ

    ИМАМ САМО МАКЕДОНСКО ДРЖАВЈАНСТВО, ГРАЃАНИТЕ ТРЕБА ДА ЗНААТ КОЛКУ ПАСОШИ ИМААТ ПОЛИТИЧАРИТЕ, ВЕЛИ ВИЦЕПРЕМИЕРОТ ДИМИТРОВЈавно соопштувам дека немам и никогаш не сум имал друго државјанство покрај македонското, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров. (Фото: СДК.МК)

    Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров вели дека има само македонско државјанство и дека смета оти граѓаните имаат право да знаат колку пасоши имаат политичарите.

    „Поттикнат од иницијативата на Горан Михајловски во САКАМДАКАЖАМ.МК, јавно соопштувам дека немам и никогаш не сум имал друго државјанство покрај македонското. Сметам дека граѓаните имаат право да знаат ‘колку (и какви) пасоши’ имаат политичарите“, објави денеска Димитров на својата фејсбук страница.

    Вчера, на прес-конференција по повод 100 дена Влада, премиерот Зоран Заев кажа дека Владата досега не размислувала, ниту планирала да донесе законски измени со кои сите државни функционери ќе мораат да пријават дали покрај македонското имаат и друго државјанство, но рече „ќе размислиме и ќе го разгледаме ова прашање“. Ова беше неговиот одговор на прашањето од САКАМДАКАЖАМ.МК дали Владата планира законски измени со кои именувани и избрани функционери, пред да стапат на функцијата, задолжително ќе декларираат дали имаат повеќе од едно државјанство и тој податок да биде јавно достапен?

    Ова прашање го покрена главниот уредник на САКАМДАКАЖАМ.МК во последното издание на неговата влијателна и популарна колумна „Сакам да кажам“.

    „Ние што сме избрале да живееме во оваа држава сакаме да знаеме дали има резервна држава премиерот, пратеникот, специјалниот пратеник, министерот, градоначалникот, општинскиот советник… Нели е фер на избори да знам дали тој што ги носи одлуките во мое име има резервна татковина? Како што е важно со колку пари си влегол во политиката и колку пари си направил додека си во политика па пријавуваш имот во Антикорупциска комисија, исто така е важно и со колку пасоши си влегол во политиката. Има ли храброст Заев и оваа политичка гарнитура прашањето за пасошите да го стави како услов за државна функција? Нема тука – лутиш. Нема судење. Не ме интересираат мотивите зошто некој има и друг пасош. Едноставно е. Само сакам како гласач да направам објективна проценка за ликот што ми ветува дека ќе направи нешто за мене, со моите пари, во мојата држава“, пишува Михајловски во колумната насловена „Тази ЕУ“.

    Бугарскиот весник „Дневник“ на 11 декември објави дека во последните десет години речиси 66 илјади Македонци добиле бугарско државјанство, пренесувајќи ја изјавата на бугарската министерка за правда Десислава Ахладова во бугарскиот парламент, како одговор на пратеничко прашање. Во сите случаи, основата за доделување на државјанство е доказ за бугарско потекло, додала министерката. Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, пак, денеска во интервју за германски „Велт“ кажа дека 88.450 Македонци добиле бугарски пасоши во изминативе 10 години.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира