ТАЗИ ЕУ

Доста веќе со лигавење и подвиен опаш. Официјалната политика на Република Бугарија ја загрозува иднината на нашите деца.

ТАЗИ ЕУ

1 Бугарското ВМРО, она на Каракачанов, најавува дека ќе прави ревизија на издавањето бугарски пасоши за граѓаните на Македонија. Ќе им ги одземаат пасошите на македонските политичари што зборуваат лошо за Бугарија. Шуќур. Кога нам не ни текна да расчистиме кој од нашиве политичари покрај македонски има и бугарски пасош, барем една работа ќар да видиме од Бугарите. Тие нека ги расчистат.

Со меѓувладини комисии се докажуваме што биле Самоил и Гоце Делчев некогаш. А денеска? Колку пратеници, колку министри, колку градоначалници од Македонија имаат бугарски пасош? Сами си се пишале дека се Бугари. Никој со сила не ги терал. Утре Бугарите со право ќе ни кажат: Што се буните, па вам лидерите ви се Бугари.

Ќе речеш, такви се околностите. Ајдееее. А за Гоце Делчев какви биле околностите? Тој не можел да земе македонски пасош. Самоил па – ич да не збориме. Ама, нашиве пратеници имаат македонска држава. Нивните околности се многу поповолни отколку тие на Гоце Делчев.

Да се разбереме. Јас не зборам за тие што зеле бугарски пасош за да одат да работат по Германии, Шведски, Франции, Холандии како граѓани на ЕУ. Тие сигурно не ги зеле пасошите за да се преселат да живеат во Бугарија, или пак да се избугарат. Нив политика и не ги интересира. Тие избегале од политичарите за да си обезбедат егзистенција. Ама, многу е важно кој од овие што ни се сегашни и минати лидери, откако постои независна Република Македонија имал или има бугарски пасош. Или било кој пасош на друга држава.

Ние што сме избрале да живееме во оваа држава сакаме да знаеме дали има резервна држава премиерот, пратеникот, специјалниот пратеник, министерот, градоначалникот, општинскиот советник… Нели е фер на избори да знам дали тој што ги носи одлуките во мое име има резервна татковина?

Како што е важно со колку пари си влегол во политиката и колку пари си направил додека си во политика па пријавуваш имот во Антикорупциска комисија, исто така е важно и со колку пасоши си  влегол во политиката. Има ли храброст Заев и оваа политичка гарнитура прашањето за пасошите да го стави како услов за државна функција? Нема тука – лутиш. Нема судење. Не ме интересираат мотивите зошто некој има и друг пасош. Едноставно е. Само сакам како гласач да направам објективна проценка за ликот што ми ветува дека ќе направи нешто за мене, со моите пари, во мојата држава.

 2 Јас сум од онаа генерација што ги памети вицовите за Бугарите поради кои Захариева сега ужива во одмаздата. Па кога го чув она нејзиното дека ветото не е вето, ми текна на еден виц од 1970-80-те години кога ќерката на Тодор Живков, Људмила, возела брзо низ Софија и ја фатила полиција. Полицаецот не знаејќи која е, за казна ѝ направил дупка на возачката дозвола. Кога ѝ ја враќал видел дека се презива Живкова, па се сетил: „Вам Тодор Живков што ви е?”. Таа рекла дека ѝ е татко. Тогаш, полицаецот пак ѝ ја зел возачката и покрај дупката напишал „Тази дупка не е дупка”.

Така што, и ова вето не е вето. Исто како што во 1941 бугарската фашистичка окупација не била бугарска фашистичка окупација.

Значи, „тази дупка не е дупка“ не е обичен виц. Туку оригинален бугарски поглед на свет и ментален склоп кој што се преточил во виц што не губи од актуелност.

3 Секогаш кога Красимир Каракачанов трескал глупости не сум го сфаќал сериозно, оти сум мислел дека тоа не е официјална политика на Бугарија. Сум бил во заблуда. Тоа е официјалната политика на официјална Софија. И таква и ќе остане.

Не знам дали Бугарите се свесни што направија со ветото. Ако веќе сакаа да нѐ претопат, сите да бидеме едно, ако имале намера да ги потиснеме сеќавањата од злосторствата од времето на фашистичката окупација, ако сакале да нѐ оттргнат од влијанието на Србите, од југоносталгијата и спомените за времето на Тито, тогаш баш тие требаа да нѐ туркаат во ЕУ, да ги тргаат рампите на границите, да трошат европски пари за патишта, железници, туризам, земјоделие, енергетика… Тогаш природно ќе се свртевме кон нив. Ќе им бевме и благодарни. И за нас добро, и за нив добро. Немаше да има потреба од декрет за љубов.

Што слика имаат сегашните генерации за Бугарија? Моите деца знаат само за Банско, Боровец и крем „здраве“ за пубертетлии. Сега, покрај ветото, научија и за суровоста на фашистичката администрација. Како што на мајка ми ѝ оставило печат во сеќавањето кога влегувале бугарските војски во Битола, така и на денешниве деца ќе им остави печат сознанието дека комшијата им ја спречува европската иднина. Дека заслужуваат помалку од бугарските деца. Џабе ќе ги менувате учебниците по историја. Сегашниве деца утре ќе ја пишуваат историјата. Со историското вето од 2020.

Не велиме ние дека целиот бугарски народ бил фашистички. Ама, официјална Бугарија во 1941 се приклучила на Тројниот пакт. И не велиме дека сите Бугари се злобни. Ама, официјална Бугарија во 2020 ни стави вето за ЕУ.

Многумина од нас имаат пријатели во Бугарија. Пријателите си се почитуваат. Како луѓе. Ама државната политика на Бугарија е непријателска и не е за почитување. Земјата ја судиме според официјалната политика.  Официјална Република Бугарија направи акт на насилство. Официјална Република Бугарија уценува од позиција на членка на ЕУ.

И доста веќе со лигавење и подвиен опаш. Официјалната политика на Република Бугарија ја загрозува иднината на нашите деца.

4 Што ќе правиме сега со Бугарија? Нема ние што да правиме со Бугарија. Нека си брка работа ЕУ со Бугарија.

Кога Германија, со таква моќ и со напорот што го вложи, не успеа да го отстрани бугарското вето за небулозни прашања, па уште и Ангела Меркел излезе виновна дека не ги ставила небулозните барања на Бугарија во преговарачката рамка, влезот во ЕУ станува невозможна мисија.

Ние во ЕУ не влегуваме. Лани беше ветото на Макрон оти Франција имаше локални избори. Годинава е ветото на Борисов, оти Бугарија има парламентарни избори. Џабе се занесуваме со поглавја, прогрес рипорти, бенчмаркови, твининг програми, меѓувладина конференција, преговарачка рамка, Лисабонска декларација, Копенхашки критериуми… Во реалниот свет, политиката на проширување на ЕУ зависи од изборните циклуси во 27 земји-членки.

Тоа покажува и колку се сменети европските вредности во кои се колнеме.

Оваа дупка не е дупка. Ова вето не е вето. Ама и оваа ЕУ не е ЕУ.

5 Дали е сега јасно зошто им се лутев на колегите кога организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 го нарекуваа „крвавиот четврток“, „немилите настани“, „собраниските настани“ и слични поезии, место да го именуваат со правото име – организиран напад на Собранието?

Сега Судот ги одбива тужбите за отштета на собраниските известувачи и бара од нив тие да докажат дека имало напад на Собранието. Според Судот, новинарите биле таму на прошетка, а не на работа.

Што сака да каже Судот? Дека политичарите што беа повредени во тој „крвав настан“ се важните, а тие што известија за „крвавиот настан“ не ни постојат. Новинарите му беа добри на Судот како сведоци кога се судеа напаѓачите на Собранието, а не ги признава како жртви. Да не беа новинарите немаше ни да се знае дека имало напад на Собранието.

Можеби Бугарија некогаш ќе го дигне ветото за ЕУ. Ама ние живееме со вакво судство. Ова судство не е за ЕУ.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

 

 

 

 

 

 

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира