Државата преку ЕСМ ќе набавува јаглен за работа на трите блока на РЕК Битола од Косово, додека за ТЕЦ Неготино мазут ќе се носи преку пристаништето во Солун. Ова денеска го најави премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите како план на Владата за справување со енергетската криза.
Како што кажа Мицкоски, цената на струјата и гасот на светскиот пазар е зголемена за два до три пати за разлика од лани, па оттука за да не се случат ценовни шокови кај нас, Владата планира потребите за струја да ги обезбеди од домашно производство.
„Тендерот за ископ и транспорт на јаглен од Косово треба да заврши до крајот на месецов. Процената е дека дневно би можеле да поминуваат околу 200 камиони со повеќе од 6.000 тони јаглен. За таа цел ќе биде отворен нов граничен премин во близина на ‘Блаце‘ кој порано се користел за потребите на КФОР. Целта е ЕСМ да обезбеди стабилно производство од трите блока во Битола и од РЕК Осломеј. Исто така ќе стартува со работа и ТЕЦ Неготино, за што ќе се набави мазут кој ќе се транспортира преку пристаништето во Солун“, рече Мицкоски.
Планот е мазутот од Солун да се носи до ТЕЦ Неготино со железница, за што веќе се работи на оспособување на пругата. Како што кажа Мицкоски, со овие мерки ЕСМ би можела да произведува струја по цена под 200 евра за мегават час, што е многу пониско од моменталната цена на берзите од 350-400 евра.
„Со овој план очекуваме да се задоволат домашните потреби, па дури да можеме и да извезуваме. Со тоа нема да имаме зголемување на цената на струјата, а доколку има тоа би било минимално, до 5 отсто“, рече Мицкоски.
А. АНТЕВСКА



