Специјалната обвинителка Катица Јанева, која поради длабоката политичка криза, од формирањето на СJO успеа само делумно во Собранието да образложи еден од нејзините шестмесечни извештаи за нејзината работа, денеска треба да го објави најновиот извештај.
Според најавите, извештајот за работата на СЈО во претходните шест месеци денеска Јанева ќе го поднесе до претседателот на Собранието Талат Џафери и до претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штериев. Потоа Џафери треба да закаже седница на која првин комисиски, а потоа пред сите пратеници, Јанева ќе го образложува тој извештај и ќе одговара на нивните прашања. Паралелно ќе следи и седница во Советот на јавни обвинители, пред кој што Јанева, исто така, треба да го презентира извештајот.
Во март годинава, обвинителката Јанева немаше можност да одговара пред пратениците, бидејќи Собранието не работеше во нормални услови. Помина долго време од конститутивната седница на 30 декември 2016 година, до моментот кога пратениците тргнаа на работа. А кога тргнаа, претседателското место го зафати претходниот спикер Трајко Вељаноски и додека пропаѓаше обидот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски да состави нова влада, во Собранието пратениците на ВМРО-ДПМНЕ си реплицираа и контрареплицираа за т.н. Тиранска платформа. Блокадата на Собранието кулминираше со насилствата на 27 април. Во меѓувреме, Јанева го објави извештајот пред јавноста.
Извештајот од септември минатата година, кој стигна само во собраниската Комисија за политички систем се памети по навредите, омаловажувањата и надвикувањето од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ по неа, сѐ додека во доцните часови по една од тие седници во Собранието, на Јанева не ѝ се слоши. Извештајот не стигна на пленарна седница, поради парламентарните избори на 11 декември.
Паралелно, за непрофесионализам и непочитување на Советот на јавни обвинители, специјалната обвинителка ја прозиваше јавно и тогашниот претседател на Советот Петар Аневски, кај што го беше поднела истиот извештај.
Во најновиот рапорт што Јанева треба да го објави денеска, ќе бидат сумирани затворените 17 истраги, сите со кодно име на буквата „Т“ и обвиненија против над 70 лица. Се очекува да ја потсети јавноста колку мерки што ги бараше СЈО за обвинети функционери, Основниот суд Скопје 1, а потоа и Апелациониот суд Скопје ги одбија, до каде е постапката со овие обвиненија, за соработката со државните институции и министерствата кои ја попречуваа во истрагите или ја бојкотираа.
С. К. ДЕЛЕВСКА