КАЗНЕТИТЕ КОИ НЕ ПОЧИТУВАА ЗАБРАНА ЗА ДВИЖЕЊЕ МОЖЕ ДА СЕ ЖАЛАТ, АМА АКО ИЗГУБАТ ЌЕ ГИ ПЛАТАТ И СУДСКИТЕ ТРОШОЦИ

    КАЗНЕТИТЕ КОИ НЕ ПОЧИТУВАА ЗАБРАНА ЗА ДВИЖЕЊЕ МОЖЕ ДА СЕ ЖАЛАТ, АМА АКО ИЗГУБАТ ЌЕ ГИ ПЛАТАТ И СУДСКИТЕ ТРОШОЦИКривичниот суд, кој до вчера примил 233 предлози за изрекување казнен налог против 268 граѓани кои биле фатени како излегуваат од изолација или го прекршиле полицискиот час, ги потврдил сите, а меѓу нив нема казна под 2.000 евра по лице; - Скопје вчера по најдолгиот полициски час. (Фото: К. Попов)

    Кривичниот суд кој до вчера примил 233 предлози за изрекување казнен налог против 268 граѓани кои биле фатени како излегуваат од изолација или го прекршиле полицискиот час, ги потврдил сите, а меѓу нив нема казна под 2.000 евра по лице.

    Казнетите граѓани на кои судот им ги потврди високите казни, имаат рок од 8 дена да се жалат, но жалби до Основниот суд Скопје 1, каде се изречени најголем број казни од целата држава, има едвај 5. По истекот на овој рок изречените казни се сметаат за правосилни и казнетите граѓани ќе мора да си ги платат сумите. Досега има 4 правосилни казни.

    За неправосилно казнетите граѓани кои ќе поднесат жалба на одлуките на основните судови по однос на паричните казни во однос на член 206 од КЗ, а поврзани со непочитување на мерките за заштита на здравјето на граѓаните од ширење на вирусот КОВИД-19, жалбата ќе стигне кај истиот судија кој им ја изрекол казната. Истиот тој судија потоа закажува судење, па ако одново судијата ја донесе истата одлука, таа е правосилна и оди на извршување кај судијата за извршување на санкции. Судските трошоци ги плаќа казнетиот граѓанин.

    „Висината на изречената казна по добиените предлози се движи од најмалку 2.000 евра во денарска противредност или повеќе, согласно предлогот на Обвинителството.  Од досега решените предмети, 4 се веќе верифицирани додека за 5 се заведени приговори од странките и за нив се закажани се судења, а за сите останати сè уште течат рокови за достава и право на приговор“, изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК од Основниот суд Скопје 1.

    Цел месец, без ден исклучок, обвинителствата поднесуваа казнени налози до судовите против граѓаните кои не ги почитуваа мерките од Владата против ширењето на заразата од коронавирус. Кривичниот суд вели дека со оглед на тоа што секојдневно се одлучува за нив, во следниот период ќе објави и дополнителна статистика за добиени приговори и за оние кои се правосилни казни и кои мора веднаш да се платат.

    Ако се смета по 2.000 евра секоја казна, иако има и такви од четири, па и по веќе илјади евра по лице, само Кривичниот суд до вчера има изречено казни по членот 206 од КЗ во висина од најмалку 550.000 евра.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира