ЌЕ ИМА МЕРКИ ПРОТИВ СИТЕ КОИ ЌЕ ГО ЗАГРОЗАТ ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ ПО ОБЈАВАТА ДЕКА ДОКТОРКА ИМА КОРОНАВИРУС

    ЌЕ ИМА МЕРКИ ПРОТИВ СИТЕ КОИ ЌЕ ГО ЗАГРОЗАТ ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ ПО ОБЈАВАТА ДЕКА ДОКТОРКА ИМА КОРОНАВИРУС„Со автоизолација 14 дена, го штитиме сопственото здравје. Мора да имаме одговорност за колективното здравје. Како министер за здравство кој секојдневно апелира да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот, морам да кажам дека сум крајно разочаран што станува збор за наша колешка, докторка“, изјави денес министерот за здравство Филипче. (Фото: K. Попов )

    Министерот за здравство Венко Филипче апелира дека секој граѓанин кој доаѓа од ризично подрачје  заразено со коронавирус, мора да остане во автоизолација 14 дена. Филипче денес соопшти дека директорката на Клиниката за кожни болести е позитивна на КОВИД-19.. Таа пред една недела се вратила од Италија и изминатите пет работни дена одела на работа.

    На новинарско прашање дали директорката ќе биде суспендиранa, министерот рече дека ќе бидат преземени мерки против сите за кои ќе се утврди дека направиле нешто што го загрозува јавното здравје.

    „Со автоизолација 14 дена, го штитиме сопственото здравје. Мора да имаме одговорност за колективното здравје. Како министер за здравство кој секојдневно апелира да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот, морам да кажам дека сум крајно разочаран што станува збор за наша колешка, докторка. Таа е на Инфективната клиника во Скопје и нејзината состојба е стабилна“, рече тој.

    Во моментов епидемиолозите на Центарот за јавно здравје Скопје прават проценка на степенот на ризик, и можно е согласно нивната одлука, целиот персонал од Кожната клиника и пациентите да бидат испратени на домашна самоизолација.
    Директорката во епидемиoлошката анкета ги навела членовите на семејството и пријателите со кои контактирала, и согласно разговорите со епидемиолозите, ќе се одлучи дали ќе бидат ставени во домашна изолација или под здравствен надзор.

    „Не можеме да ги затвориме границите, ниту една земја во Европа го нема тоа направено. Мерките на сите влади се однесуваат на самоизолација. Ние уште од почетокот апелираме на тоа, ние преземавме мерки со кои сме во предност пред целиот регион“, рече министерот и додаде дека во текот на денот ќе добие информација од секторот за туризам во Стопанската комора за тоа дали имало туристички тури во Италија изминативе денови, и ако имало, кога да се очекува нивното враќање назад.

    Филипче кажа дека состојбата на двајцата сопружници со коронавирус е стабилна, а дека на првата заболена пациентка е целосно стабилна, и во зависност од контролниот тест денес или утре, таа ќе си замине од Инфективната клиника во Скопје.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира