КРИВИЧНО ДЕЛО Е МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ ДА СЕ БОРАТ ВО УКРАИНА, НА РУСКА ИЛИ НА УКРАИНСКА СТРАНА

    КРИВИЧНО ДЕЛО Е МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ ДА СЕ БОРАТ ВО УКРАИНА, НА РУСКА ИЛИ НА УКРАИНСКА СТРАНАПретседателот Зеленски кажа дека има 16.000 странски волонтери во Меѓународната легија за одбрана на Украина; - Од руското бомбардирање на Киев. (Фото: АП)

    Ако македонски државјани заминат како доброволци да се борат на руска или на украинска страна во актуелната војна со инвазијата на Русија во Украина, тие ќе одговараат за истото кривично дело „Учество во странска војска, паравоени или параполициски формации“ како оние што беа на боиштата во Ирак, Сирија или се приклучија на ИСИС, вели Златко Апостоловски, национален координатор на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот.

    На 27 февруари, три дена по почетокот на руската инвазија, претседателот на Украина Володомир Зеленски апелираше до граѓаните на странски земји да дојдат во Украина, да се приклучат на странската легија и да се борат заедно со Украинците, а за волонтерите се укинати и визите. Потоа на 5 март, Министерството за надворешни работи на Украина претстави и веб-страница за странски државјани кои сакаат да се приклучат на Меѓународната легија за одбрана на Украина со сите контакти на странските претставништва на Украина во сите земји каде што се формираат странски волонтерски единици.

    „Секој обид за илегално заминување во овие кризни подрачја на граѓани од Република Северна Македонија, ќе се третира исто согласно членот во Кривичниот законик (КЗ) за учество во странски војски и полиции. Казните и за овие кои сега би заминале ќе бидат исти. Кривичниот законик и санкционирањето на одредено дејание од КЗ не може да важи за едни граѓани, а да не важи за други граѓани. Одредени предуслови се исполнети со кризата во Украина како можност за одење, затоа што и самиот претседател на Украина Володимир Зеленски повика да од државите на ЕУ доброволци се приклучат на украинската војска, се со единствена цел да ја бранат Украина од руската инвазија“, вели Апостоловски.

    Тој укажува дека е сосем друго ако во рамките на НАТО коалицијата се разговара за некакви организирани форми на упатувања на помош, на санитарна помош и друго, зашто Македонија како држава во рамките на НАТО учествува во бројни мисии на Алијансата, како во Авганистан или во Босна и Херцеговина.

    „Тоа се организирани форми кои се упатуваат од државата на помош. Сите обиди за илегални заминувања ќе се санкционираат. Затоа што, после како држава ние се соочуваме со проблемот на исфрустрирани луѓе, луѓе кои се жртви на тие воени дејствија и овде после ние треба да ги третираме и да трошиме ресурси од државата за да им пружаме помош или згрижување на тие граѓани. Секој нелегален обид треба да се казни. Како држава треба да ги спречиме обидите на луѓе за агитација и потоа по тајни канали да носат борци да се борат во Украина на руска, или на украинска страна. Од она што јас имам добиено информации од безбедносните служби, досега нема регистрирано обиди за наши граѓани да заминат во кризно подрачје на Украина“, вели Апостоловски.

    Во емотивното видео објавено на неговиот профил на Телеграм на 3 март, претседателот Зеленски кажа дека има 16.000 странски волонтери во Меѓународната легија за кои тој кажа дека се „приклучиле за одбрана на Украина, Европа и светот“.

    Минатата недела, претставник на Украинската амбасада во Вашингтон за „Глас на Америка“ изјави дека 3.000 американски волонтери се пријавиле да се борат во Меѓународниот баталјон, а многу повеќе се пријавиле други земји, највеќето од постсоветските држави како Грузија и Белорусија.

    Британските воени власти ги повикаа своите државјани да не одат да се борат во Украина, туку да помогнат колку што можат во Велика Британија. Воените власти издадоа наредба дека британските воени лица немаат дозвола да одат во Украина и дека треба да се пријави секаков сомнеж за такви подготовки. Според британското Министерство за одбрана, нема случаи на редовни воени лица да се заминати во Украина, но потешко е да се следи сосотојбата со резервистите кои често имаат и друга кариера.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира