МАКЕДОНИЈА ДОНЕСЕ ИСТОРИСКА ОДЛУКА, СО НЕТРПЕНИЕ JA ЧЕКАМЕ РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА КАКО 30. ЧЛЕНКА НА НАТО, ВЕЛИ АМБАСАДОРОТ НА САД ЏЕС БЕЈЛИ

    МАКЕДОНИЈА ДОНЕСЕ ИСТОРИСКА ОДЛУКА, СО НЕТРПЕНИЕ JA ЧЕКАМЕ РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА КАКО 30. ЧЛЕНКА НА НАТО, ВЕЛИ АМБАСАДОРОТ НА САД ЏЕС БЕЈЛИГи поздравувам вашите лидери во Владата и во Собранието поради нивната визија, храброст и истрајност во барањето на решение и ставањето на долгорочните стратешки интереси на Македонија на прво место, вели амбасадорот на САД Џес Бејли (Фото: СДК.МК)

    САД го  поздравуваат донесувањето на уставните измени со кои треба да се имплементира Договорот со Грција за името и со нетрпение чекаат да ѝ посакаат добредојде на Република Северна Македонија како 30-та членка на НАТО, соошти вечерва амбасадорот на САД Џес Бејли.

    „Денес, Македонија донесе историска одлука. Вашето Собрание гласаше за да ги усвои уставните измени што се потребни за да се имплементира Договорот од Преспа со Грција. Соединетите Држави ја поздравуваат одлуката на вашите избрани претставници. Кога процесот ќе заврши со ратификување од страна на Грција, овој Договор конечно ќе го реши спорот со името, што предолго ги спречуваше граѓаните на Македонија да ги реализираат своите цели за членство во НАТО и во Европската Унија. Ги поздравувам вашите лидери во Владата и во Собранието поради нивната визија, храброст и истрајност во барањето на решение и ставањето на долгорочните стратешки интереси на Македонија на прво место. Со нетрпение чекаме да и посакаме добредојде на Република Северна Македонија како 30-та членка на НАТО и да го продолжиме нашето цврсто партнерство со вас во унапредувањето на стабилноста и просперитетот овде и во целиот регион“, се вели во изјавата на амбасадорот Бејли што ја соопшти американската амбасада.

    Собранието вечерва со 81 глас „за“ ги усвои четирите уставни амандмани предвидени со Договорот од Преспа и потоа со ист број гласови донесе одлука за прогласување на амандманите 33, 34, 35 и 36 со што тие стануваат дел од Уставот. Со ова името на земјава е Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари