МЕДИЦИНСКИТЕ ЛИЦА КОИ НЕ ДОБИЛЕ ПОКАНА ЗА ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19, ДА СЕ ПРИЈАВАТ ЕЛЕКТРОНСКИ НА ВЕБ СТРАНАТА, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

МЕДИЦИНСКИТЕ ЛИЦА КОИ НЕ ДОБИЛЕ ПОКАНА ЗА ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19, ДА СЕ ПРИЈАВАТ ЕЛЕКТРОНСКИ НА ВЕБ СТРАНАТА, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВОЗадутре во модуларната болница во скопскиот Клинички центар ќе почне вакцинацијата против ковид-19 за здравствените работници. (Фото: К. Попов)

Здравствените работници кои не добиле покана за вакцинација против ковид-19 да се регистрираат електронски преку официјалната интернет страница www.vakcinacija.mk, вели Министерството за здравство. Задутре, во модуларната болница до Инфективната клиника ќе почне вакцинацијата против ковид-19 за здравствените работници од Ковид-центрите со првата пратка на вакцината на „Фајзер“ од Србија. Прв ќе се вакцинира медицинскиот персонал кој работи на Инфективната клиника во Скопје.

„Според утврдениот план, термините за вакцинирање ќе бидат на 10 минути. Во текот на денов, Националниот систем, до Ковид-центрите низ државата, испраќа списоци каде се наведени имиња на здравствени работници кои сакаат да се вакцинираат, со точен час и ден кога треба да дојдат да ја примаат вакцината во модуларната болница на Инфективната клиника. Ковид-центрите треба повратно да ги потврдат листите. Секој здравствен работник кој ќе прими вакцина веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација“, вели Министерството.

Досега се пријавени 4.000 здравствени работници, од нив, околу 2.000 здравствени работници се во Скопје, а останатите се во другите градови. Тие според Националниот план за имунизација се во првата фаза.

Во нашата редакција стигнаа реакции од матични лекари дека не биле прашани дали ќе се вакцинираат, но претседателката на Здружението на матични лекари д-р Лилија Чолакова-Дервишова ни изјави дека повеќе од десетина дена, преку Мој термин добиле прашање дали ќе се вакцинираат за заштита од ковид-19.

„Веројатно се работи за превид, моите сознанија се дека сите добија прашање. Се однесува на матичните доктори и персоналот од ординациите, сестрите. Останува лично кој како смета, а со оглед дека дел од нас ја одлежаа заразата, може и да не се пријават“, ни изјави докторката.

Министерството денес објави дека веб-страницата „Вакцинација.мк“ е достапна и на албански јазик на следниот линк.

На оваа веб-страница досега 46.023 лица ја пополниле формата за аплицирање. На овој начин, тие се регистрираат во електронскиот систем Мој термин, а матичниот лекар може да го види податокот за секој пациент. Преку оваа апликација, граѓаните искажуваат само интерес, но не и закажување за термин за вакцинација, истакнува Министерството. Мој термин го утврдува датумот и часот за вакцинирање согласно фазите кои се содржат во Националниот план за имунизација на населението во земјава.

„Тоа за матичните доктори и медицинските сестри е преголема техничка работа. Со оглед колку обврски и прегледи имаме, контакти со зарзени од ковид-19, не се согласуваме дека ние треба д аја вршиме оваа работа. Во земјава има вакцинални пунктови и тие вработени треба да ја вршат таа работа“, додава Чолакова-Дервишова.

Во земјава вчера пристигна првата пратка 4.680 од вкупно 8.000 „фајзерови“ вакцини од Србија. Вакцините се чуваат во фрижидери на Институтот за трансфузиологија. Вакцинацијата ќе се одвива на пет вакцинални позиции, а во тимовите за имунизација има медицински сестри и лекари. Модуларната болница ќе работи во две смени од 8 до 20 часот.

П. ПЕЧКОВ


    ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


    Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира