Судскиот совет за ментори на најновата (шеста) генерација слушатели на Академијата за судии и обвинители ги предложил и Татјана Михајлова, Моника Бахчовановска, Елена Илиевска – Јосифовиќ, Диана Груевска – Илиевска и Љубинка Башеска од Основниот суд Скопје 1. Сите овие имиња се поврзуваа со блокирање на постапките на Специјалното обвинителство и ги спасуваа од притвор експремиерот Никола Груевски и неговите блиски соработници. Некои од нив беа дури и наведени и во Извештајот на Стејт департментот во контекст на политизирано судство.
Листата опфаќа поголем број кандидати за ментори на овие идни судии, кои треба по успешно положениот писмен тест, 16 месеци под нивно менторство да работат со судии и да учат пракса на нивните судски рочишта. Тие всушност треба да учат од најдобрите. Судскиот совет предложил кандидати од апелационите судови, како и од судовите со проширена надлежност, меѓу кои се Кривичниот и Граѓанскиот суд од Скопје.
Листата на ментори е потпишана од претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски, за кого премиерот Зоран Заев потврди дека ќе членува во новото владино тело, од кое се очекува ефикасно да ги спроведе реформите во зависното и корумпирано судство. Од ефикасноста на спроведените реформи, ќе зависи дали Македонија ќе добие датум за преговори за членство во ЕУ.
Елена Илиевска – Јосифовиќ влезе во ланскиот извештај на Стејт Департментот. Таа беше посочена како една од судиите преку кој се прават политички манипулации во Кривичниот суд. Таа е сопруга на човек од доверба и клучен играч во компаниите на познат бизнисмен кој минатата година се појавуваше како сведок во предистражни постапки на СЈО.
Во извештајот пишува дека „на крајот на април, претседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски назначи двајца нови судии во Одделот на судот за организиран криминал и корупција во, како што многумина политички и правни аналитичари опишаа, сомнителни околности, бидејќи ниту еден од нив немал доволно стаж на судската клупа или судско искуство за да се оправда нивното назначување. На двајцата судии им беа доделени случаи на СЈО, кое безуспешно бараше нивно изземање поради воочливи судири на интереси“.
Панчевски во април 2016 за судијки на претходна постапка во организиран криминал ја постави Александра Поп Стефанија, судијка од Неготино, делегирана да суди прекршоци во Скопје и младата судијка Елена Илиевска – Јосифовиќ. Обете судијки во организиран криминал се со вкупен стаж од по само пет години, сосе нивните породилни отсуства.
СЈО на оваа судијка и поднесе претставка за разрешување, во која наведе дека „судската постапка ја водела пристрасно, со злоупотребување на положбата и пречекорување на службените овластувања“.
Татјана Михајлова, која повеќе од една година не го почна судењето против експремиерот Никола Груевски за насилствата во општина Центар и за шамарите што ги нарачувал за тогашниот градоначалник Андреј Жерновски, ќе остане позната и по местењето на распоредот на судиите во Основниот суд Скопје 1 додека беше негов в.д. претседател.
Со нејзиниот распоред во февруари лани, одделот на претходна постапка кој што одлучува за притвор, одделот за организиран криминал и кривичниот оддел, кој суди предмети по новиот ЗКП, таа ги исчисти од судии кои не треба по никоја случајност да дојдат во допир со предметите кои доаѓаат од Специјалното обвинителство. Ги прераспореди сите 13 судии кои се побунија против нејзиниот претходник Владимир Панчевски. Таа самата се стави за претседател на Одделението за организиран криминал, а таму направи и смени, па за еден од судиите го стави и Панчевски, кого го распореди и за претседател на кривичниот совет, кој решаваше по жалбите на СЈО за одбиените притвори.
Диана Груевска – Илиевска во јули лани го спаси од притвор експремиерот Никола Груевски, но и останатите обвинети во „Титаник“ за големи изборни нерегуларности: Гордана Јанкулоска, Мартин Протоѓер, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Кога двајцата судии на тричлениот кривичен совет на кој таа била претседател изгласале одлука два спрема еден за да добие Груевски мерка притвор, Диана Груевска – Илиевска излегла надвор и веднаш го известила тогашниот претседател Стојанче Рибарев. Итно се издава службена тајна пред одбраната на Груевски дека против судијата што гласал за притвор Дарко Тодоровски имало некоја иницијатива за разрешување пред Советот за факти, адвокатите експресно бараат и добиваат негово изземање, Рибарев враќа од службен пат од Битола друг судија на негово место и се превртува исходот во два спрема еден, но за да се одбие притворот за Груевски.
Моника Бахчовановска е сопруга на поранешен висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ. Неа во октомври лани Специјалната обвинителка Катица Јанева ја фати како антидатира одлука за Ивона Талевска, во случајот „Тифани“.
Иницијатива за разрешување Јанева на Бахчовановска и ја поднесе на 24 октомври лани и со неа, освен што аргументираше каде Бахчовановска излажала дека ја донела одлуката за отфрлање на бомбите во „Тифани“, предупреди и дека оваа судијка може и кривично да одговара, со оглед на тоа дека се води предистражна постапка за злоупотреби со АКМИС системот во Основниот суд Скопје 1.
Но, веќе во декември лани Бахчовановска при оценка на обвинението за „Тортура“ (малтретирањето и изживувањето врз Љубе Бошкоски) одлучи да го извади Сашо Мијалков од списокот на обвинети. Таа го прифати обвинението само против Ивица Антевски – Пуки, кој е второобвинет после Мијалков, како и против уште пет лица од единицата „Алфи“ во МВР. Сите седуммина се обвинети за кривично дело Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.
СЈО има вкупно три поднесени претставки за разрешување на Бахчовановска и досега тие не се отфрлени.
Љубинка Башеска е позната по тоа што лани цела година одбиваше да го покани Никола Груевски како главен сведок на Катица Јанева во предметот „Пуч“, поради што нон-стоп наоѓаше причини да го одлага судењето. На први ноември лани таа судењето го одложи на неопределено време (што е преседан), бидејќи немаше храброст да го покани сведокот Груевски. Јанева толку многу се разлути на едно од тие рочишта, каде обвинети беа Зоран Заев, Зоран Верушевски, неговата сопруга и други, што во еден момент и застана на патот и не ја пушташе Башевска да си оди од судницата, без да даде одговор зошто ја манипулира јавноста со постојаното одлагање на „Пуч“, зошто го штити сведокот Груевски, зошто намерно вклучува поротници без безбедносен сертификат, итн. Јанева подоцна го повлече случајот „Пуч“ за масовното прислушување и поднесе нови обвиненија за предметите „Тврдина“ и „Таргет“.
Идните судии во Основниот суд Скопје 1 ќе учат и од судијата Илија Трпков, кој е познат по друг преседан, а тоа е што по третпат Апелациониот суд му го враќа предметот „Ровер“, во кој еден од обвинетите е и Љубе Бошкоски. Предложен е и колегата Ивица Стефановски, кој му одреди домашен притвор на Горан Грујевски, беше втор судија во случајот „Пуч“, кој како непостоечки и неаргументиран беше повлечен и заменет со „Тврдина“ и „Таргет“, а ги одби и бомбите за „Тендери“, кај што е обвинета ексминистерката за култура Елизабета Канческа – Милеска.
Финалната листа на судии – ментори кои ќе ги учат слушателите од шестата генерација, Академијата за судии и обвинители сè уште не ја утврдила.
С. К. ДЕЛЕВСКА