МИХАЈЛО МАНЕВСКИ МЕ РАЗРЕШИ ЗАШТО ПОТПИШАВ ПЕНЗИОНИРАЊЕ НА НЕГОВАТА  СОПРУГА ФИЛИМЕНА, ВЕЛИ ЕКСПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА ЈОРДАН МИТРИНОВСКИ

    МИХАЈЛО МАНЕВСКИ МЕ РАЗРЕШИ ЗАШТО ПОТПИШАВ ПЕНЗИОНИРАЊЕ НА НЕГОВАТА  СОПРУГА ФИЛИМЕНА, ВЕЛИ ЕКСПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА ЈОРДАН МИТРИНОВСКИСудија Јордан Митриновски во 2015 година ја доби пресудата во Европскиот суд за човекови права во Стразбур за неговото разрешување од функцијата во 2011, а во меѓувреме стекна и услови за пензија, но Судскиот совет одлучи да ја повтори постапката за разрешување. Седницата за тоа денеска се одложи (Фото: Ѓ. Личовски)

    Иако разрешениот судија Јордан Митриновски во 2015 година ја доби пресудата во Европскиот суд за човекови права во Стразбур за неговото разрешување од функцијата во 2011, а во меѓувреме стекна и услови за пензија, Судскиот совет одлучи да ја повтори постапката за разрешување. Но, седницата за тоа денеска се одложи поради отсуство во странство на бранителот на Митриновски од 2011, Ефто Спировски. Покрај констатацијата дека на Митриновски му е повредена постапката за разрешување и отштетата што треба да му ја плати Република Македонија, Судот во Стразбур наложува состојбата да се врати на почеток и да се коригира.

    На новинарско прашање кој стои зад неговото разрешување од функцијата, но и од судија, Митриновски по седницата изјави дека го разрешил лично ексминистерот за правда Михајло Маневски.

    „Конфликтот со Михајло Маневсјки и неговата сопруга Филимена Маневска со мене беше отворен. Таа не можеше да го прежали нејзиното пензионирање, оти јас како претседател на Апелациониот суд Скопје го потпишав решението за пензионирање. Јас се спротивставував на нивните незаконски работи, на нивните мешања во судот и за тоа дојдовме во отворен конфликт. Јас цело време максимално и чесно си работев. Им сметаше тоа и мораше да бидам тргнат“, изјави Митриновски.

    Тој денеска очекуваше Судскиот совет да ја заклучи оваа, како што рече, нонсенс ситуација и да постапи по пресудата од судот во Стразбур, односно да заклучи дека барањето за разрешување било незаконско и дека не ни требало да биде покренато, како една морална сатисфакција. Бидејќи, како што вели, тоа повторување на постапката е нецелисходно за судии кои исполниле услов за пензија и не може да се вратат на работните места. Таа законска можност, вели Митриновски, целисходна е за помладите судии.

    „Освен, ако не ме разрешат од функцијата пак,вака од пензија“, вели Митриновски.

    Но, постапка по сѐ изгледа ќе има, бидејќи денеска дојде и подносителот на иницијативата за разрешување на Митриновски, тогашниот и сегашен претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски. Пресудата Митриновски ја доби затоа што според судот во Стразбур, Вангеловски како подносител, не требало да учествува и во носењето на одлуката за разрешување на Митриновски.

    „Сега сум присутен, но во постапка за одлучување на Судскиот совет нема да присуствувам“, изјави денеска Вангеловски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира