Министерот за здравство д-р Беким Сали, кој денеска напладне се вакцинираше со трета доза против коронавирус, попладнево влезе во Ковид-центарот на Кожната клиника во Скопје за да ги посети болните, соопшти Министерството за здравство. Министерот, кој е на функција 12 дена, денеска се вакцинираше заедно со студентите на Медицински, Стоматолошки и Фармацевтски факултет по нивна иницијатива, заради промоција на вакцинацијата како најдобра мерка за заштита од ковид.
Како што соопшти Министерството, Сали кој е стоматолог, на болните во Ковид-центарот им посакал што побрзо закрепнување.
„Би сакал да истакнам дека сите капацитети се ставени во функција, а нашите здравствени работници го вложуваат сиот свој потенцијал за да им помогнат на болните. Посакувам сликите што ги гледаме од граѓани кои се борат со вирусот и последиците од него повеќе да не ги гледаме во иднина“, рекол министерот д-р Сали и кажал дека силно верува оти сите граѓани го поддржуваат во ова и повикал на масовна вакцинација.
„Вакцинирајте се! Токму со тоа и со следење на сите мерки на претпазливост, не само што ќе го намалите ширењето на вирусот, туку и ќе го намалите притисокот кон нашите здравствени работници кои неуморно работат за да не чуваат безбедни. Само обединети ќе го надминеме заедничкиот непријател – пандемијата. Вистината е едноставна: никој не е безбеден се додека не се безбедни сите. Помогнете, поддржете ја вакцинацијата, да го вратиме нашиот живот таков каков што сакаме да биде“, рекол министерот д-р Сали.
Во земјава досега од коронавирус починаа 8.338 болни, од кои 26 последниве 24 часа. Македонија има една од највисоките стапки на смртност од ковид во светот, но министерот Сали денеска откакo прими трета доза кажа дека бројот се чини висок затоа што според методологијата на бележење, секој кој починал, а бил позитивен на ковид-19, се регистрира како починат со коронавирус.
„Но, тоа не значи дека смртта била последица од ковид“, вели министерот. „Можеби сме земја со висока смртност од пандемијата, но не значи дека ние не сме го згрижиле пациентот. Во регионот имаат друга методологија, па не треба да ве залажува бројката што е кај нас 8.000, а кај нив 2-3.000“, рече д-р Сали.
Денеска се регистрирани уште 1.908 новозаразени од 5.834 тестови, а од вкупниот број нови позитивни, 254 се реинфекции.