МОСТОВИТЕ И ГАЛИИТЕ ВО ВАРДАР ЗА ТРЕТИНА ГО ЗГОЛЕМУВААТ РИЗИКОТ ОД ПОПЛАВИ, ПОКАЖА СТУДИЈА НА УНДП

    МОСТОВИТЕ И ГАЛИИТЕ ВО ВАРДАР ЗА ТРЕТИНА ГО ЗГОЛЕМУВААТ РИЗИКОТ ОД ПОПЛАВИ, ПОКАЖА СТУДИЈА НА УНДПДополнително намалување на пропусната моќ на коритото во урбаната зона со изградба на мостовите и бродовите не може да се оправда на ниеден начин, се вели во студијата за намалување на ризикот од поплави во Скопје направена од УНДП во соработка со Град Скопје и Центарот за управување со кризи.(Фото: М. Златевска)

    Мостовите и бродовите во Вардар за третина ја намалиле проточноста на реката. Ова го покажува студијата за намалување на ризикот од поплави во Скопје направена од УНДП во соработка со Град Скопје и Центарот за управување со кризи.

    Во студијата стои дека најновите архитектонски измени во речното корито ја намалило неговата пропусна способност за 25-35 проценти од првично проектираниот проток од 1,150 кубни метри во секунда, како и дека во Вардар не треба да се градат насипи, прегради и други објекти.

    „Регулираното речно корито на Вардар низ централното подрачје, во текот на изминатите неколку години е предмет на архитектонски промени. По 2010 година, изградени се два нови пешачки моста, а еден мост со панорамско тркало е сè уште во градба. Исто така, измените вклучуваат изградба на три статични бродови во речното корито, наменети за разонода. Со оглед на тоа, моменталната состојба на речното корито на Вардар во Скопје е видливо изменета од проектните параметри, главно поради големите количини на нанос депониран во речното корито и инфраструктурата што зазема дел од попречниот профил“, стои и во студијата.

    „Се потврди дека моменталниот апсолутен максимален капацитет на пропусност на регулираното речно корито на Вардар изнесува 900 кубни метри во секунда, додека максималниот проток со безбедно растојание од 0.5 до 1 метар од најниско поставените објекти, мостови изнесува околу 750-800 кубни метри во секунда. Се заклучи дека најновите архитектонски измени во рамките на канализираното речно корито ја намалиле неговата пропусна способност за 25-35 отсто од првично проектираниот проток од 1,150 кубни метри во секунда. Пропуштена е можноста градот да има многу високо ниво на заштита од поплави, како и фактот што дополнително намалување на пропусната моќ на коритото во урбаната зона не може да се оправда на ниеден начин. Дополнително, Членот 123/3 од Законот за водите утврдува дека мерките определени во регулативата треба да спечат развој на просторот, користењето на земјиштето, изведување на градежни работи и други активности кои можат да ја зголемат заканата од поплави и штети“, вели студијата.

    Во декември минатата година Вардар во центарот на градот се излеа од малото корито, по еден ден дожд. Тогаш градоначалникот Петре Шилегов кажа дека мостовите и бродовите се ден вид брана и се небезбедни за градот и најави дислокација на галиите. Според досегашните анализи на Град Скопје за дислокација на галиите и уривање на мостот за панорамското тркало потребни се околу 5 милиони евра.

    „Доградбата само на мостот без панорамското тркало би го чинело Градот околу 4,5 милиони евра. Отстранувањето на мостот заедно со бродовите од Вардар би чинело околу 5 милиони евра. И за двете опции тоа се многу пари кои треба да се одвојат од буџетот на Град Скопје. Сè уште не сме одлучиле како ќе постапиме. Доколку се доградува мостот, тоа ќе биде без елементите кои биле предвидени во проектот за поставување на панорамското тркало. Овој пешачки мост би имал некаква функција единствено кога ќе проработи катната гаража која ја гради Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор кај Музејот на холокаустот“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК мината недела градоначалникот Шилегов.

    Подрачјето на Градот Скопје како што покажува студијата може да биде поплавено од повеќе извори и тоа од реката Вардар, атмосферските води односно канализациски поплави, поројните водотеци кои потекнуваат од планината Водно, покаченото ниво на подземни води, како и како резултат на прелевање на браните Матка, Света Петка и Козјак.

    „Градот Скопје има критична локација од аспект на управувањето со опасноста и ризикот од поплавите. Возводно од Градот се протегаат три речни сливови: Горен Вардар, слив на Треска и слив на Лепенец. Поради тоа, од една страна, може да се каже дека реката Вардар која тече низ Скопје, збогатена со водите од Треска и Лепенец, му ги овозможува на Скопје сите придобивки на град низ кој тече голема река. Сепак, од друга страна, сливните подрачја на овие реки имаат таква форма што директно придонесува кон појавата на коинциденција на поплавните бранови, што претставува значителна закана за скопската долина“, се вели во студијата.

    Последните експертски процени на каналите за зафаќање на природните водотеци, спроведени во 2010 година, покажуваат дека состојбата е влошена во последните години. Каналот Нерези, централната група на порои составена од собирен канал и одводен канал кој поминува покрај државната болница и источната група на порои покрај Кисела вода кои се само делумно регулирани, не се соодветно одржувани во текот на изминатите децении.

    Во Градот Скопје, од почетокот на хидролошкиот мониторинг во 1923 година, се појавиле четири големи поплави: декември 1935, декември 1937, ноември 1962 и ноември 1979 година.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари