Можно е да се воведе карантин во општините Дебар и Центар Жупа, објави Владата, по локалната трансмисија со ширењето на коронавирусот на територијата на овие две општини.
На 7 март на Инфективната клиника во Скопје беа хоспитализирани сопружници од Дебар, позитивни на коронавирус на возраст од 62 и 68 години, кои во земјава дошле од Бреша, Италија на 27 февруари. На 9 март беше објавено дека уште тројца членови на нивното семејство се позитивни на коронавирус, а на 11 март позитивни беа тестовите на нивните соседи кои живееле во куќи лепенки. Во домашна изолација се сите сопатници на сопружниците од автобусот, кој оставил патници и во Куманово и во Скопје.
„Се задолжува Министерството за здравство, во соработка со центрите за јавно здравје, да преземе дополнителни мерки за заштита од ширење на овој вирус, односно да се мобилизираат медицинските екипи со епидемиолог од Охрид и еден инфектолог или доктор (или инфектологот кој е во работен однос во бањите Цапа да се стави во служба и за потребите на центрите за јавно здравје).
За овие мерки да се достави извештај до крајот на денешниот ден, со цел Министерството за здравство да објави превентивно соопштение на територијата на општините Дебар и Центар Жупа, за можноста од воведување на карантин“, стои во одлуката по вчерашната владина седница.
Б. НЕСТОРОСКА