НА 22 ЈУНИ ЌЕ СЕ ПОЛАГА ТЕСТ ВО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА КАДЕ СЕ ПРИЈАВЕНИ ПОГОЛЕМ БРОЈ УЧЕНИЦИ

    НА 22 ЈУНИ ЌЕ СЕ ПОЛАГА ТЕСТ ВО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА КАДЕ СЕ ПРИЈАВЕНИ ПОГОЛЕМ БРОЈ УЧЕНИЦИУписите во средните училишта траат од вторникот до утре, со протокол за заштита од ширењето на коронавирусот. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Ќе има квалификационо тестирање во јавните средни училишта во кои се пријавени поголем број ученици со ист број поени од предвидениот број ученички места во конкурсот за запишување ученици во средно образование за учебната 2020/2021, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).
    Тестирањето е закажано за 22 јуни во 10 часот, а конечните ранг листи ќе бидат објавени истиот ден.

    „Учениците кои се пријавиле за гимназиско образование (за сите подрачја) ќе бидат тестирани по наставниот предмет математика и по македонски, албански, турски, односно српски јазик, зависно од тоа на кој јазик ја следеле наставата во основното образование. Додека, за учениците кои се пријавиле за здравствена струка (за сите образовни профили) ќе се организира проверка на знаењето по наставните предмети биологија и хемија, исто така на јазикот на кој ја следеле наставата во основното училиште“, велат од МОН.

    Првото пријавување за запишување на ученици во прва година во средните училишта трае од вторникот до утре. Уписите продолжуваат во второто и третото пријавување од уписниот рок на 24, 25 и 29 јуни.

    Оваа генерација на ученици кои се запишуваат е прва генерација која не полагаше државна матура. Поради пандемијата со коронавирусот, Владата на 10 март донесе одлука да се затворат сите воспитно-образовни институции, учениците имаа е-настава, а министерот за образование Арбер Адеми на 30 мај објави дека се укинува државната матура. Тој рече дека сите ученици ќе добијат диплома, која ќе има важност како и дипломите што се доделуваа досега.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари