НА ЉУПЧО ПАЛЕВСКИ МУ Е ПОТВРДЕН ПРИТВОРОТ ПОРАДИ ОПАСНОСТ ДА ИЗБЕГА ИЛИ ПАК ДА УБИЕ

    НА ЉУПЧО ПАЛЕВСКИ МУ Е ПОТВРДЕН ПРИТВОРОТ ПОРАДИ ОПАСНОСТ ДА ИЗБЕГА ИЛИ ПАК ДА УБИЕПостојат околности дека може да се даде во бегство, може да ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците,  и околности кои упатуваат дека ќе го доврши или повтори кривичното дело, одлучи судијата (Фото: Принтскрин од видео на 24 вести)

    Со силно обезбедување, Љупчо Палевски-Палчо, осомничениот за свирепите убиства на  14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес , денеска првпат по екстрадицијата од Турција беше донесен во Кривичниот суд Скопје, но само за притворот. Другпат пат ќе биде донесен да даде исказ за најтешките кривични дела кои му се ставаат на товар, а за кои е пропишана казна доживотен затвор. Притворот од 30 дена е потврден.

    „Осомничениот за двојното убиство во Скопје и Велес од ноември минатата година, Љ. П. кој на 15.05.2024 година беше екстрадиран од Турција, по наредба на судија на претходна постапка денска беше спроведен во Основниот кривичен суд Скопје за да се изјасни во однос на мерката притвор определна во негово отсуство, а по предлог на Основното јавно обвинителство – Скопје. По изјаснувањето на осомничениот во присуство на неговиот бранител, поставен по службена должност, судија на претходна постапка донесе решение  со кое на осомничениот му се определува мерка притвор во траење од 30 дена која започнува со нејзино реализирање од денот на неговиот прием во Истражниот затвор Скопје, а заради постоење на околностите од чл. 165 ст. 1 точка 1,2 и 3, односно постојат околности дека може да се даде во бегство, може да ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците,  и околности кои упатуваат дека ќе го доврши или повтори кривичното дело“, соопшти Судот.

    „Не сум бил во бегство и не смеам да говорам за истрагата“, рече Палевски при излегувањето од Судот на новинарско прашање зошто се вдал во бегство, додека полицајците го спроведуваа наведнат и со спуштена глава.

    Против ова решение странките имаат право на жалба пред тричлен Кривичен совет на овој суд, а потоа и до Апелациониот суд Скопје.

    Љупчо Палевски со прекар Палчо, е првоосомничен во групата дека ги организирал грабнувањата и дека лично со пиштол ги убил Вања Ѓорчевска на 27 ноември и Панче Жежовски на 22 ноември. Ѓорчевска е убиена па закопана близу Скопје, а Жежовски близу Велес. Палевски избега, но на 5 декември беше уапсен во Турција, а на 15 мај беше екстрадиран за истрага за кривични дела Грабнување и Убиство, која ја води Скопското обвинителство.

    За двата свирепи случаја се осомничени уште 5 лица. Тројца од нив (В. М., В. К. и Б. В.) се осомничени за двете убиства и киднапирања, таткото на Ѓорчевска е осомничен за киднапирање на ќерка си, додека С. Д. е осомничен дека му помогнал во бегството на првоосомничениот Љупчо Палевски. Тројца од нив се во притвор. На 25 април, Врховниот суд му ја преиначи мерката притвор во куќен притвор на таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски.

    Во притворскиот затвор во Шутка месец и пол пред екстрадицијата била спремна посебната соба за Палевски. Тој е под посебно обезбедување, во засебна ќелија преку која се доаѓа преку посебен ходник.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира