НАВИСТИНА ЛИ ИМАТЕ ПРОБЛЕМ СО ЗАГАДУВАЊЕТО, ГО ПРАШАА ШИЛЕГОВ ВО ЗАГРЕБ OTKAKO СКОПЈЕ СЕ КАНДИДИРАШЕ ЗА ДОМАЌИН НА ЕВРОПСКО ВО РАКОМЕТ

    НАВИСТИНА ЛИ ИМАТЕ ПРОБЛЕМ СО ЗАГАДУВАЊЕТО, ГО ПРАШАА ШИЛЕГОВ ВО ЗАГРЕБ OTKAKO СКОПЈЕ СЕ КАНДИДИРАШЕ ЗА ДОМАЌИН НА ЕВРОПСКО ВО РАКОМЕТГрадоначалникот на Скопје Петре Шилегов заедно со претседателот на РФМ Живко Мукаетов денеска доставија заедничка кандидатура со Подгорица и Љубљана за домаќини на ЕП во ракомет за жени во 2022 година. (Фото: Град Скопје)

    Проблемот со загадувањето во Скопје, беше едно од прашањата кои му беа поставени на градоначалникот Петре Шилегов, во Загреб, при поднесувањето на заедничката кандидатура со Љубљана и Подгорица за организација на Европското првенство во ракомет за жени во 2022 година.

    На работната средба на коja покрај првите луѓе на ракометните федерации на Македонија, Црна Гора и Словенија, присуствуваа и градоначалниците на Скопје, Љубљана и Подгорица, официјалниот спикер како дел од официјалните прашања до градоначалниците, го праша градоначалникот Шилегов дали навистина Скопје има проблем со загадувањето и како планира да го реши ова прашање.

    „Не само што Скопје има проблем со загадувањето, туку е најзагадена престолнина во Европа.Изминативе три месеци откако сум на градоначалничката функција се борам за решавање на овој проблем и верувам дека со низата проекти кои ќе ги реализираме, во 2021 година ќе поднесеме кандидатура Скопје да стане зелена престолнина“, одговори Шилегов.

    Македонија поднесе заедничка кандидатура со Словенија и Црна Гора за организација на Европското Првенство во женска сениорска конкуренција во 2022 година, што ќе се игра во периодот од 4 до 20 ноември 2022 година.

    Од Ракометната федерација на Македонија велат дека во наредниот период ќе следуваат неколку фази за спроведување на кандидатурата, кои меѓу другото, содржат инспекција на одговорните лица од ЕХФ и евалуација на кандидатурата. Конечната одлука за доделување на организацијата на Првенството ќе биде донесена на ЕХФ конгресот што ќе се одржи во Глазгов на 18 и 19 јуни 2018.

    Вечерва во 19.30 часот во Арена Загреб машката ракометна репрезентација на Македонија го игра првиот натпревар на Европското првенство кое се одржува во Хрватска, против Словенија.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари