НЕ БАРАМ ДА ЈА ПОДДРЖИТЕ ВЛАДАТА ТУКУ ЕВРОПСКИОТ ПАТ, ТОА ЌЕ БИДЕ ОД КОРИСТ И ЗА НАС, ВЕЛИ ЕСКОБАР

    НЕ БАРАМ ДА ЈА ПОДДРЖИТЕ ВЛАДАТА ТУКУ ЕВРОПСКИОТ ПАТ, ТОА ЌЕ БИДЕ ОД КОРИСТ И ЗА НАС, ВЕЛИ ЕСКОБАРЕскобар вели дека на Мицкоски јасно му ставил до знаење дека САД ги избираат за партнери на Балканот оние што го приближуваат регионот поблиску до Европа. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Јас не барам луѓето да ја поддржат Владата туку европскиот пат, кој ќе ни биде од корист и нам, вели заменик-помошникот државен секретар на САД задолжен за Западен Балкан, Габриел Ескобар во интервју за емисијата „360 степени“.

    Ескобар во четвртокот и петокот беше во Скопје и имаше средби со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачпевски, како и со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, на кои се разговараше за уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот, за што во моментов нема двотретинско мнозинство.

    Ескобар во интервјуто вели дека не дошол во земјава за да им каже на луѓето како да гласаат, ниту како да ја формираат владата.

    „Иднината на Јужна Европа е во Европската Унија. Тоа е иднина во која овој регион ќе придонесува значително во растот на Европа и со тоа ќе придонесе и во нашата економија. Па, во таа смисла, има огромни можности за Северна Македонија да се приклучи кон ЕУ. Станува збор за најголемиот трговски блок во светот и најголемиот трговски партнер на Америка. Четири милијарди долари дневно го минуваат Атлантскиот океан и сакаме вие да бидете дел од тоа. Тоа е тој ентузијазам, за придонесот што Северна Македонија може да го даде во Европа, што сакав да го пренесам на сите мои состаноци.Тоа што се случува во моментов, со можностите кои се презентирани, да се придвижи кандидатскиот статус на Северна Македонија кон Европската Унија, е дел од тој процес. Јас не барам од луѓето да ја поддржат Владата. Барам од луѓето – ве молам, работете со нас, за да го поддржиме европскиот пат. Затоа што ќе ни биде од корист и нам“, вели Ескобар.

    Во однос на изјавата на Христијан Мицкоски дека САД врши притисок врз нив да гласаат за уставните измени, вели:  „Не дојдов тука за да му кажам што да прави и не дојдов тука да му диктирам услови. Но, сакав да ставам јасно до знаење дека САД ги избираат за партнери на Балканот оние што го приближуваат регионот поблиску до Европа, оние кои ја покажуваат својата посветеност на НАТО и кои ја продолжуваат борбата против корупцијата. Тоа е нашето очекување“, додава Ескобар.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира