Премиерот Зоран Заев вели дека не бил во друштво на канадскиот премиер Џастин Трудо и францускиот претседател Емануел Макрон додека го озборуваат американскиот претседател Доналд Трамп на самитот на НАТО во Лондон.
„Претседателот Трамп си даде свој коментар за премиерот на Канада Трудо Јас не сум учествувал во такви разговори. И самата снимка покажува дека стојам во тоа друштво додека се поздравуваме, но кога се разговара, не сум таму. Не се сеќавам дека таков разговор е воден во мое друштво. САД останува наш стратешки партнер“, кажа Заев одговарајќи на новинарско прашање дали учествувал во разговорот во кој се исмејува Трамп, на денешниот увид на градежните работи за изградба на спортска сала во скопско Волково.
Откако вчера канадската телевизија „Си-Би-Си“, објави видео како Трудо разговара со неколкумина учесници на Самитот и притоа, несвесни дека ги снимаат, го исмеваат Трамп, американскиот претседател ја откажа закажаната прес-конференција и најави заминување од Самитот на НАТО во Лондон.