НЕ САКАМЕ ДА ВЛИЈАЕМЕ, НО БИ БИЛЕ МНОГУ СРЕЌНИ АКО ОДГОВОРОТ НА РЕФЕРЕНДУМОТ БИ БИЛ „ДА“, РЕЧЕ ГЕРМАНСКИОТ МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ ХАЈКО МАС

    НЕ САКАМЕ ДА ВЛИЈАЕМЕ, НО БИ БИЛЕ МНОГУ СРЕЌНИ АКО ОДГОВОРОТ НА РЕФЕРЕНДУМОТ БИ БИЛ „ДА“, РЕЧЕ ГЕРМАНСКИОТ МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ ХАЈКО МАСПред дебата „Зошто Европа“ на која учествуваа граѓански организации, професори, студенти, бизнисмени, Димитров и Мас се прошетаа низ улица Македонија и Плоштадот Македонија, па преку Камениот Мост и низ Старата чаршија.(Фото: Ѓ. Личовски)

    Ако некој сака да сретне германски политичар треба да дојде во Скопје оти изминатиов период многу нè има тука, рече вечерва германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, на дебата во Даут пашин амам на тема „Зошто Европа“. Министерот Мас, кој денеска е во посета на Македонија, на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Никола Димитров, рече дека македонските граѓани на 30 септември на престојниот референдум за името треба да го искористат своето демократско право и да го одредат европскиот пат на земјата.

    Тој доаѓа по посетите на канцеларката Ангела Меркел и државниот министер за Европа Михаел Рот.

    Пред да дојде на дебата на која учествуваа граѓански организации, професори, студенти, бизнисмени, се прошета низ Скопје. Димитров му ја покажа улица Македонија, Плоштад Македонија па преку Камениот Мост прошетаа и низ Старата чаршија. На дебатата тој кажа дека на референдумот граѓаните сами ќе ја донесат одлуката за евро-атланската иднина на земјата, но напомена дека Европа како  и Германија сакаат да ја видат Македонија членка на НАТО и Европската унија.

    „И ние во Европа имаме интерес вашата земја да стане членка на европското семејство. Имате голем број пријатели политичари кои ќе ве поддржуваат на тој пат. Прв чекор кон тој пат е референдумот. Факт е дека изминатиов период голем број политичари од Германија дојдоа во вашата земја. Не сакаме да влијаеме, но би биле многу среќни ако одговорот на референдумот би бил ‘да‘. Ни требате, земете ја понудата која ви се нуди“, кажа Мас.

    Министерот Димитров и на дебата повтори дека Македонија изгубила многу време на евро-атланскиот пат и дека со успешен референдум ќе се отворат нови можности на граѓаните.

    „Зошто Европа? Затоа што ќе имаме еднакви шанси, сигурност, просперитет, не само да има работа туку и пристојна плата. Многу време изгубивме. Светот не нè чекаше додека ние чекавме. Решивме спор кој не влечеше назад 27 години. За да бидеме дел од Европската унија треба да бидеме сојузници со Грција, за да бидеме сојузници треба да сме пријатели и да се разбираме. Со договорите со Грција и Бугарија ние создадовме мала Европа на Балканот“, рече Димитров.

    На крајот на дебата, министерот Мас испрати пораки до младите луѓе во земјава да не ја направат истата грешка како Британците.

    „После референдумот во Велика Британија, младите луѓе излегоа на протести против брегзит. Многумина од нив не излегле на референдумот и беше донесена одлука за напуштање на Европската унија. Затоа е важно да не ја направите истата грешка“.

    Мас утре од Скопје оди за Тирана, па во Атина. Тој попладнево на прес-конференцијата со Димитров рече дека истата порака како во Скопје ќе ја испрати и во Грција.

    „И на Грците ќе им го кажам истото што го кажувам тука. Ова е историска шанса да се надмине спорот за името, и тоа со согласност на граѓаните во обете земји. Тоа не е само интерес на Македонија, туку и на Грција“, рече Мас.

    За време на официјалниот дел од посетата на Мас, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и германскиот амбасадор Томас Герберих денеска во Скопје го потпишаа договорот за взаемно признавање на возачките дозволи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира