Вицепремиерот за борба против корупција и генерален секретар на СДСМ Љупчо Николовски вели дека не се гледа како наследник на премиерот и лидер на владејачката партија Зоран Заев. Одговарајќи на новинарско прашање дали се гледа како наследник на Заев на денешната прес-конференција за воведување електронски систем „е-инспектор“, Николовски рече дека нема да се кандидира за лидер на СДСМ на претстојните партиски избори.
„Не се гледам и нема да бидам еден од кандидатите“, кусо одговори Николовски.
Премиерот Зоран Заев најави дека утре ќе ја даде оставката од лидер на СДСМ пред Центарлниот и Извршниот одбор на партијата. Потоа треба да се организраат избори за партиски лидер, а Заев смета дека победникот треба да биде и новиот мандатар и премиер на Владата.
„Зборот е збор и треба да се одржува. Во демократијата се поднесува одговорност кога ќе изгубите и јас ја преземам одговорноста и сакам да оставам шанса на сите наши прогресивни граѓани. Не е лесно да се биде прогресивен, тоа значи да гледаш малку подалеку, да не калкулираш поради политички рејтинг и политичка фотелја. Убеден сум дека сум оставил свои впечатоци, но носам и горчина со мене затоа што не можам да сфатам како Карпош, најинформиран, најупатен, еден дел од највисоката интелигенција на земјава, вака да одлучи. Значи почит спрема секој, но не можам да ги сфатам работите и за Град Скопје, кога ја имате лагата апсолутно споделена и како тоа никому не му е значајно“, рече Заев во петокот по средбата со лидерот на Алтернатива Африм Гаши за влез на партијата во Владата.
Заев оставката од двете функција ја најави по поразот на локалните избори на 31 октомври.
А. АНТЕВСКА