НЕ ЗНАЕВ ДЕКА НА КЛИНИКАТА ЗА ОНКОЛОГИЈА ИМА КАТО СИСТЕМ ЗА ЦИТОСТАТИЦИ НИТУ ДЕКА НЕ РАБОТИ, РЕЧЕ ЕКСМИНИСТЕРОТ САЛИ НА СОСЛУШУВАЊЕТО ВО СОБРАНИСКАТА АНКЕТНА КОМИСИЈА

    НЕ ЗНАЕВ ДЕКА НА КЛИНИКАТА ЗА ОНКОЛОГИЈА ИМА КАТО СИСТЕМ ЗА ЦИТОСТАТИЦИ НИТУ ДЕКА НЕ РАБОТИ, РЕЧЕ ЕКСМИНИСТЕРОТ САЛИ НА СОСЛУШУВАЊЕТО ВО СОБРАНИСКАТА АНКЕТНА КОМИСИЈАСали денеска кажа дека за криминалот со цитостатици на Клиниката за онкологија дознал преку медиумите. (Фото. К. Попов)

    Поранешниот министер за здравство, Беким Сали е првиот со чие сослушување денеска почна со работа Анкетната комисија што ја формираше Собранието заради сослушување на сведоци и експерти и разгледување акти и документи поврзани со криминалот со цитостатиците во Универзитетската клиника за онкологија. Сали денеска кажа дека за случајот дознал преку медиумите.

    Тој рече дека не бил информиран дека Клиниката за онкологија располага со Като системот за автоматизирана подготовка на цитостатици, со што се оневозможува манипулации со цитостатиците. Тоа кај дел од пратениците отвори сомнеж дека „некој го криел Като системот, бидејќи со него се решава еден горлив проблем на Клиниката за онкологија“.

    Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Коцевски рече дека ги загубил двајцата родители од карцином, дека имало неред на Клиниката за онкологија, долги чекања на пациентите до вечерните часови. Рече дека е зачуден од неинформираноста на Сали околу постоењето на Като системот во клиниката, за коешто министерот рече дека за одговорни ги смета менаџерите на клиниката.

    „Не сум можел да знам се што се случува во сите болници. Министерството за здравство управува со 116 институции и не сум знаел за постоење на ваков систем на клиниката и тоа го сметам како одговорност на менаџерите на клиниката. Зошто тој систем е отстранет од употреба не сум имал дојава ниту информација од Онкологија“, рече ексминистерот за здравство.

    Сали кажа дека за време на неговиот мандат како министер, побарал оставка од поранешниот директор на Онкологија, Нино Васев, поради „неефективно менаџирање откако не изготвил извештај за работата на клиниката кој бил побаран од него“ поради големиот долг на Клиниката.

    На седницата  сведочеше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој рече дека МВР ја следи работата на Онкологија уште пред десет години и не е точно дека полицијата не презела никакви мерки. Спасовски рече дека уште во 2012 МВР поднело кривична пријава против тогашниот директор на клиниката, но дека до денеска Јавното обвинителство не презело никакви мерки.

    Претседателката на Анкетната комисија, пратеничката Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, во емисијата Анализа на ТВ 24, рече дека како политичка партија поднеле 44 сведоци кои ќе треба да сведочат во врска со случајот со злоупотреби на Клиниката за онкологија.

    Комисијата е надлежна за утврдување на хронологијата на настаните и околностите во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, дали со скандалот се загрозени основите човекови права на пациентите кои се лекувале, политичката одговорност, како и изготвување заклучоци и препораки кои ќе имаат за цел да поведат постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции и спречување понатамошна злоупотреба, но и системски подобрувања на дефектите во оваа Клиника и целокупниот здравствен систем.

    Собранието на 5 септември го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се формира Анкетна комисија за утврдување на одговорност за политичките и здравствените функционери по обелоденетиот скандал со криминал во Клиниката за онкологија и радиотерапија. Во Анкетната комисија учествуваат 14 пратеници, од кои шест од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ, два од ДУИ и еден од Алијанса за Албанците. Анкетната комисија ќе треба да му поднесе конечен извештај на Собранието за еден месец од завршувањето на својата работа.

    Формирањето на анкетната комисија дојде откако Јавното обвинителство отвори истрага по наводи за евентуално сторени кривични дела поврзани со третманот на пациенти и работата на Клиниката за онкологија. Пациенти болни од рак и нивните семејства секој понеделник протестираат и бараат правна разврска на случајот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира