НЕМА ДА БАРАМЕ ПРИТВОР ЗА МИЈАЛКОВ, РЕДОВНО СЕ ПОЈАВУВА НА СУД, КАЖА ЈАНЕВА

    НЕМА ДА БАРАМЕ ПРИТВОР ЗА МИЈАЛКОВ, РЕДОВНО СЕ ПОЈАВУВА НА СУД, КАЖА ЈАНЕВАЈанева кажа дека на суд ќе ги докажат бизнис релациите меѓу Орце Камчев и Сашо Мијалков, кој стои зад фирмата „Ексико“, колку пари се испрани преку неа и кој ги присвоил тие пари. - Мијалков и адвокатот Љупчо Шврговски на судење (Фото: СДК.МК)

    Специјалното јавно обвинителство нема да бара притвoр за Сашо Мијалков кој е еден од обвинетите во случајот „Империја“ и покрај тоа што неговиот братучед осудениот пратеник Никола Груевски побегна во Будимпешта и бара политички азил.

    „Има веќе мерки за Сашо Мијалков и тој ги почитува мерките, како што ги почитуваше и Никола Груевски, се појавува на суд и сметавме дека е доволно. Сега веќе ќе се прават други проценки, но мислам дека за Сашо Мијалков нема да се бара притвор“, кажа Јанева гостувајќи на 1ТВ.

    Јанева кажа дека на суд ќе ги докажат бизнис релациите меѓу Орце Камчев и Сашо Мијалков, кој стои зад фирмата „Ексико“, колку пари се испрани преку неа и кој ги присвоил тие пари.

    „Не е точно дека Орце Камчев нема бизнис релации со Сашо Мијалков, ќе се докаже на суд. Тоа се гледа и во разговорите. Нема директни телефонски разговори меѓу нив двајца бидејќи не биле таргет тие двајца, но имаме други разговори меѓу Камчев и негови блиски лица кои биле таргет“, рече Јанева.

    Одговарајќи на прашањето дали од сега притворениот Орце Камчев додека траела предистражната постапката добила закани, Јанева кажа дека имало најразлични притисоци, повеќето биле директни и затоа само таа и обвинителката Лиле Стефановска знаеле за акцијата за приведување на обвинетите во „Империја“, Јордан Камчев, Кристина Камчева, Ратка Куновска Камчева, Зорица Арсова, Ненад Јосифовиќ, Сашо Панделевски.

    Специјалното јавно обвинителство на 9 ноември отвори истрага под кодно име „Империја“ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира