Нема финално решение за спорот за името, преговорите ќе продолжат во Брисел, рече посредникот Метју Нимиц, по завршувањето на денашната средба во седиштето на Обединетите нации во Њујорк со министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас.
Нимиц во изјавата по завршување на средбата кажа дека изминативе два дена интензивно и посветено работеле за наоѓање решение во спорот за името.
„Уште немаме финално решение на проблемот, но двете страни се одлучни да постигнат договор и работат напорно на тоа. Двајцата министри ќе одат во Брисел и таму ќе продолжи дијалогот. Двете страни имаат важни позициии, во прашање се националните интереси, но ја сфаќаат важноста за постигнување на договор и се одлучни да го сторат тоа“, рече Нимиц.