НЕМА КАЗНЕТИ БЕНЗИНСКИ ПУМПИ, КОГА ИЗЛЕГЛА ПАЗАРНАТА ИНСПЕКЦИЈА СИТЕ НОРМАЛНО ТОЧЕЛЕ ГОРИВО

    НЕМА КАЗНЕТИ БЕНЗИНСКИ ПУМПИ, КОГА ИЗЛЕГЛА ПАЗАРНАТА ИНСПЕКЦИЈА СИТЕ НОРМАЛНО ТОЧЕЛЕ ГОРИВООткако вчера попладне инспектори излегле на терен немаше повеќе ниту телефонски повици со вакви пријави, велат од Инспекторатот. (Фото: СДК.МК)

    Ниту една казна не е пишана за бензинска пумпа, откако вчера се ограничуваше количината на гориво која може да ја наточат граѓаните. По пријави на граѓани, како што велат од Пазарниот инспекторат, од вчера попладне се вршат контроли на терен, но не се регистрирани прекршувања.

    „Нашите инспектори не затекнале на лице место на некого да му се ограничува количината на гориво или воопшто да не се точи нафта. Откако вчера попладне излеговме на терен немаше повеќе ниту телефонски повици со вакви пријави, што значи дека бензинските пумпи продолжиле да работат нормално, без ограничувања“, вели Анета Симеска-Димоска, директорка на Државниот пазарен инспекторат.

    Од Пазарниот инспекторат велат дека нивни инспектори се постојано на тер, а ќе бидат присутни и викендов. Покрај бензинските пумпи се контролираат и цените на основните прехранбени производи во маркетите.

    Поради очекуваното зголемување на цената на нафтените деривати од понеделник поради војната во Украина, бензинските сакаат веќе набавената нафта да ја продаваат по повисоки цени, па затоа вчера не точеа гориво. На бензинските пумпи вчера имаше колони возила откако се прошири веста дека нема да има гориво.

    Директорот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски вчера изјави дека граѓаните не треба да се грижат, нафта во државата има и нема да дозволат воено профитерство.

    „Нафтени деривати има, трговците редовно набавуваат гориво согласно побарувачката, но дел од нив ја користат состојбата и за ‘воено- профитерство’. Дел од малите трговци не се однесуваат фер и ја ограничуваат понудата и ја користат состојбата за профитерство оставајќи впечаток дека нема гориво. Во текот на денешниот ден, добивме укажувања од поголем број на потрошувачи кои посочуваат дека одредени трговци на мало со нафтени деривати ја ограничувале количината, односно сумата до која го продаваат горивото што се точи во автомобилите. Некои бензиски пумпи дозволувале до 500 денари да може едно возило да наполни гориво. Други пак не дозволуваат гориво да наполнат камионите“, изјави вчера Бислимоски.

    Денеска од компанијата „Макпетрол“ рекоа дека немаат никакви органичувања во продажбата на горива, но апелираа граѓаните да не точат бензин во буриња и канистри бидејќи тоа е опасно.

    Од Владата денеска соопштија дека граѓаните не треба да се грижат, нафтени деривати во државата има и трговците редовно набавуваат гориво согласно побарувачката.

    „Владата апелира дел од трговците на мало со нафтени деривати да не ја ограничуваат количината, односно сумата до која го продаваат горивото што се точи во автомобилите, а потрошувачите да не чекаат во колони на бензинските пумпи и да не прават залихи од гориво поради безбедносни причини“, велат од Владата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира