Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против актерот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Тони Михајловски, за сторено кривично дело Загрозување на сигурноста според член 144 став 4 од Кривичниот законик, поради заканата за убиство на новинарот Бранко Тричковски објавена на Фејсбук. За ова дело е пропишана казна затвор од 5 години или потешка казна.
Михајловски на својот фејсбук профил на 16 јуни 2017 напиша „Јас Бранко Тричковски можам да го убијам и да не ми трепне око. Прости ми боже“.
„Заканите биле објавени во форма на коментар на неговиот профил на една социјална мрежа и биле насочени кон оштетено лице – новинар, при што обвинетиот повикал на физичка ликвидација и ја загрозил сигурноста на новинарот. Во текот на истражната постапка, надлежниот јавен обвинител презеде повеќе истражни дејствија, а преку меѓународна правна помош од социјалната мрежа ги обезбеди и податоците за корисничкиот профил од кој беа упатени заканите“, соопшти Обвинителството.
Во јуни 2017, на заканата на Михајловски со остра осуда реагираше и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и најави дека до Јавното обвинителство ќе достави писмено барање за кривично гонење.
„Говорот на омраза и повикувањето на насилство против новинари е асполутно неприфатливо и претставува директен напад врз слободата на говорот. Смртните закани имаат за цел да ги вознемират новинарите и да се замолчи критиката во медиумите. Јавно повикуваме да престанат сите видови закани и притисоци против новинарите затоа што ваквиот насилнички говор не може да се смета како слобода на изразување туку е тешко кривично дело кое се казнува со затвор. Се надеваме дека обвинителството ќе ги цени нашите докази и ќе покрене истрага против Михајловски. Новата влада има законска и морална одговорност јавно да ги осуди ваквите закани и да воспостави ефикасен систем за казнување на насилството против новинарите. Одговорност на владата е да гарантира безбедна средина за работата на новинарите“, се велеше во реакцијата на ЗНМ.
Михајловски е вработен во Македонскиот народен театар (МНТ), а за член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е избран во јануари годинава.