ОБВИНИТЕЛИТЕ ЃЕШКОВСКА, ЦВЕТАНОВСКИ И БИКОВСКИ ЌЕ ОДГОВАРААТ ОТИ ЈА РАСЦЕПКАЛЕ ИСТРАГАТА ЗА 27 АПРИЛ И ГО ОДВОИЛЕ СЕЛА ОД ОРГАНИЗИРАНИОТ НАПАД

    ОБВИНИТЕЛИТЕ ЃЕШКОВСКА, ЦВЕТАНОВСКИ И БИКОВСКИ ЌЕ ОДГОВАРААТ ОТИ ЈА РАСЦЕПКАЛЕ ИСТРАГАТА ЗА 27 АПРИЛ И ГО ОДВОИЛЕ СЕЛА ОД ОРГАНИЗИРАНИОТ НАПАДЈавниот обвинител Љубомир Јовески за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека покренал дисциплинска постапка за непочитувањето на нормите на работењето во Јавното обвинителство за нестручно и несовесно работење против тројцата поранешни раководни обвинители. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Место да отворат сеопфатна истрага за организираниот напад на Собранието на 27 април лани, поранешната шефица на Скопското обвинителство Гордана Ѓешковска, нејзиниот тогашен заменик Јован Цветановски и тогашниот шеф на обвинителството за организиран криминал Златко Биковски го расцепкале случајот на помали истраги, сместувајќи ги во ОЈО Скопје.

    „Особено обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села, кој е организиран и никако не може да се одвои од истрага за организираниот напад на законодавниот дом, не смеела да се води одвоено и особено не од Скопското јавно обвинителство“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Јавниот обвинител на Македонија Љубомир Јовески.

    Тој лично покренал дисциплинска постапка против овие тогаш најодговорни обвинители за пасивноста по нападот на Собранието, каде во прашање беа доведени човечки животи.

    Јовески, кој останува само на дисциплинска, засега нема да покрева кривична одговорност за тројцата. Тој вели дека за нивниот тогашен шеф, државниот обвинител Марко Зврлевски, не може да има дисциплинска постапка зашто тој веќе не работи во Обвинителството и е под апанажа.

    „Покренав дисциплинска постапка за непочитувањето на нормите на работењето во Јавното обвинителство и за нестручно и несовесно работење против тројца тогашни раководни обвинители и постапката е интерна. Очекувам комисијата да одлучи за околу две недели. За поранешниот Јавен обвинител Марко Зврлевски, кој ги свикал вечерта на состанок тројцата обвинители, кога заедно одлучиле да не постапат на повисоко ниво во врска со организираниот напад на Собранието на 27 април лани, не може да има дисциплинска постапка, бидејќи тој не работи веќе во Обвинителството. Тој е под апанажа“, вели Јовески.

    Оваа тројка што ги менаџирала двете надлежни обвинителства за насилството во Собранието, додека стоела пасивна два и пол месеца бавејќи се само со кривични пријави за учество во толпа,  направила голема штета и со тоа што оставила време да се избришат и уништат голем број докази – снимки и телефонски комуникации  за учество на државни функционери во  крвавите настани, како  и докази за нарачателите.  На прашање дали ќе има можеби кривична одговорност за Зврлевски и тројцата обвинители, Јовески одговара:

    „За предистражна постапка и за истрага, нивните дејствија треба да се подигнати на повисок степен на одговорност“.

    Најстрогата казна во дисциплинската постапка е предлог на разрешување. Ако Советот на јавни обвинители ги разреши, Ѓешковска, Цветановски и Биковски, нема да имаат дополнителни последици во врска со пропустите што ги направиле за 27 април.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира