ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОБАРА СТРУШКАТА ПОЛИЦИЈА ДА ГИ ИДЕНТИФИКУВА УЧЕСНИЦИТЕ И ОРГАНИЗАТОРИТЕ НА ЛИТИЈАТА И ЌЕ ИСТРАЖУВА ДАЛИ ДОШЛЕ САМОИНИЦИЈАТИВНО

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОБАРА СТРУШКАТА ПОЛИЦИЈА ДА ГИ ИДЕНТИФИКУВА УЧЕСНИЦИТЕ И ОРГАНИЗАТОРИТЕ НА ЛИТИЈАТА И ЌЕ ИСТРАЖУВА ДАЛИ ДОШЛЕ САМОИНИЦИЈАТИВНООбвинителството ќе испитува дали организаторите презеле дејствија како организатори да нема присуство на граѓани или пак со редарска служба да го обезбедат евентуалното присуство на граѓани. (Фото: принтскрин од видеото на Бигорскиот манастир)

    Основното јавно обвинителство Струга отвори предмет за масовното присуство на граѓани на Литијата која се одржа вчера по повод верскиот празник Свети Ѓорѓија. Предметот е отворен по допрен глас, по објавување на снимките и фотографиите на социјалните мрежи.

    „Постапувањето на обвинителството е заради присуството на граѓани на Литијата во услови на пандемија, кога не се почитувани одлуките на Владата на Република Северна Македонија за задолжително придржување на здравствените прописи и тоа во однос на забраната за групирање во групи поголеми од две лица, потребното растојание од најмалку два метри меѓу лицата и задолжително носење на заштитни маски доколку просторот меѓу граѓаните е помал од пропишаното“, се вели во соопштението од Основното јавно обвинителство.

    Струшкото обвинителство поднесе барање до МВР–ОВР Струга за проверка на настанот и откривање на евентуални сторители на кривичното дело. Побарано е да се идентификуваат и повикаат организаторите на Литијата за да се утврди дали настанот бил уредно пријавен, кој требало да учествува, каква дозвола добиле и дали е постапувано согласно истата. Ќе се испитува дали организаторите презеле дејствија како организатори да нема присуство на граѓани или пак со редарска служба да го обезбедат евентуалното присуство на граѓани, а во насока на примена на здравствените прописи во услови на опасност од ширење на заразната болест предизвикана од вирусот COVID-19.

    „Обвинителството издаде и Наредба за обезбедување на безбедносните камери од околните објекти, со цел да биде извршена идентификација на лицата кои присуствувале на настанот, како и да се утврди дали лицата самоиницијативно присуствувале на настанот“, се вели во соопштението од Обвинителството.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари