На листата на чекање за влез во Собранието од пратеничките листи на СДСМ, ако победат во вториот круг од локалните избори актуелните пратеници Благој Бочварски во Штип, Бетиан Китев во Кавадарци и Курто Дудуш во Шуто Оризари, се Агим Муртезанов , Костадин Ацевски и Христина Момироска.
На местото од Јохан Тарчуловски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во скопската Општина Кисела Вода, ако го победи Филип Темелковски од СДСМ, во Собранието како пратеничка ќе влезе Невена Стаменковска.
И кај албанските партии после завршување на локалните избори, ќе се смени составот во Собранието. Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села влезе во втор круг во градоначалничката трка за Струга со Рамиз Мерко од ДУИ. Ако победи Села, на негово пратеничко место доаѓа Арта Точи.
Лидерот на Движењето Беса, Биљал Касами си поднесе оставка од пратеничката функција за да се кандидира за градоначалник на Тетово и победил или изгубил во вториот круг против Теута Арифи од ДУИ, него ќе го замени во парламентот Неџбедин Каремани.
Мерал Узеири Ферати од ДПА, влегува во Парламентот место Бардиљ Даути, кој, исто така, претходно си даде оставка и потоа се кандидираше за градоначалник на Тетово, но не влезе во втор круг.
Пратеникот на Движењето Беса, Зеќирија Ибрахими се кандидираше за градоначалник на скопската Општина Чаир. Ако го победи кандидатот на ДУИ Висар Ганиу, тогаш него во Собранието ќе го замени Реџеп Ибрахими.
На местата на досегашните пратеници на СДСМ кои победија во прв круг, Петре Шилегов, за градоначалник на Град Скопје, Стефан Богоев, за градоначалник на скопската Општина Карпош, Максим Димитриевски за Куманово, Сашо Поцков за Гевгелија и Коста Јаневски во Струмица, во Собранието влегуваат Татијана Лалчевска, Анета Симеска-Димоска, Лидија Тасевска, Ристе Ташев и Костадин Костадинов.
Г. ТРПЕНОСКИ