По само неколку часа откако Апелациониот суд Скопје му ја укина мерката притвор на обвинетиот и првостепено осудениот во два предмета Сашо Мијалков, обвинителката Лиле Стефанова која го застапува обвинението во „Плацеви на Водно“, побарала мерка притвор за него во овој предмет.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција(ОЈО ГОК) смета дека сè уште постои опасност Мијалков да избега. Од таа причина постојано бара продолжување на притворот и на Јордан Камчев, обвинет во „Плацеви на Водно“.
„Обвинителот цени дека и покрај дадената гаранција и определените мерки за обезбедување, сè уште постои опасност од бегство и во таа насока го достави Предлогот за притвор. Предлогот е доставен до Основниот кривичен суд Скопје по денешната одлука на Апелациониот суд Скопје со која беше прифатена жалбата на Сашо Мијалков и беше преиначено решението за притвор. Сашо Мијалков е обвинет за помагање при кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.1 в.в. чл.24 од Кривичниот законик во предметот познат во јавноста како ‘Плацевите на Водно’ “, соопшти Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Сè уште кривичниот совет во Кривичниот суд Скопје нема донесено одлука за ова најново барање од ОЈО ГОК.
На Мијалков му беше укинат притворот (за случајот „Трезор“) и прифатена понудената гаранција на имот од над 11 милиони евра. Но, тој сè уште е во Шутка, бидејќи треба првин хипотеката на гаранцијата (имотот) да се впише во Катастар, па откако ќе се внесе, тогаш да излезе од притвор.
Мијалков беше притворен во предметот „Трезор“, каде што е првостепено осуден на 8 години затвор. Против него се води истрага за предметот „Империја“, обвинет е во „Плацеви на Водно“, а првостепено осуден е за незаконското масовно прислушување во „Тврдина-Таргет“ на 12 години затвор.
- САШО МИЈАЛКОВ ИЗЛЕГУВА ОД ПРИТВОР, ОДЛУЧИ АПЕЛАЦИЈА, ТРЕБА ПРВИН ДА СЕ ЗАПИШЕ ВО КАТАСТАР ХИПОТЕКАТА НА ИМОТОТ ШТО ГО НУДИ
- СУДИИТЕ ШТО ГО ПУШТИЈА МИЈАЛКОВ ОД ПРИТВОР ДА СИ ПРЕЗЕМАТ ОДГОВОРНОСТ АКО ИЗБЕГА, БАРА МИНИСТЕРОТ ЗА ПРАВДА МАРИЧИЌ
С. К. ДЕЛЕВСКА