ПАК НЕ ПОЧНА ПОСТАПКАТА ПРОТИВ СУДИЈАТА ЕНВЕР БЕЏЕТИ КОЈ ГО ДРЖЕШЕ ВО ФИОКА ПРЕДМЕТОТ ПРОТИВ МИЈАЛКОВ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕТО, ЧЛЕНКАТА НА СУДСКИОТ СОВЕТ ЦРВЕНКОВСКА ИСЧЕЗНА ОД ВИБЕР КОМУНИКАЦИЈАТА

    ПАК НЕ ПОЧНА ПОСТАПКАТА ПРОТИВ СУДИЈАТА ЕНВЕР БЕЏЕТИ КОЈ ГО ДРЖЕШЕ ВО ФИОКА ПРЕДМЕТОТ ПРОТИВ МИЈАЛКОВ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕТО, ЧЛЕНКАТА НА СУДСКИОТ СОВЕТ ЦРВЕНКОВСКА ИСЧЕЗНА ОД ВИБЕР КОМУНИКАЦИЈАТАНа денешниот затворен дел за јавноста, Советот требаше да ја комплетира комисијата за разрешувањето на Беџети, но снема кворум, зашто Црвенковска ја прекина врската на вибер. (Фото: СДК.МК)

    На денешната седница на Судскиот совет не се одлучи за тргање на Весна Дамева од членка на комисијата за дисциплинската постапка отворената против апелациониот судија Енвер Беџети, зашто членката Павлина Црвенковска, која ја следеше седницата приклучена на вибер, исчезна. Кога дојде Дамева на ред за предлозите за нејзино изземање од две комисии (за оценување на кандидати за апелациони судии и за одговорност на Беџети), Црвенковска ја снема и неа, како што кажаа службите, не можеа да ја добијат на телефон.

    Извештајот на членката Тања Чачарева-Илиевска од направената контрола за предметот за масовното незаконско прислушување „Тврдина-Таргет“ е готов уште на крајот на декември 2022. Во него се констатира дека без поткрепени причини, судијата-известител Енвер Беџети го држел 9 месеци „Тврдина-Таргет“, кај што е обвинет Сашо Мијалков, и не го давал на одлучување со што придонел предметот брзо да застари.

    Апелациониот суд Скопје го врати овој предмет назад на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје, со опасност вгодина да застари кривичното гонење на Мијалков и на другите обвинети за прислушувањето.

    Јавноста очекуваше дека брзо ќе се стави на дневен ред иницијативата за разрешување на Беџети, покрената од Судскиот совет под силен притисок на јавноста. Тамам комисијата ја заврши својата работа, се случи незаконското разрешување на претходната претседателка Весна Дамева, што одзеде долг период и направи застој во работата на Судскиот совет, критикуван силно од домашните правни експерти и од меѓународните фактори кои ги помагаат реформите во судството.

    Потоа следеше и периодот кога судиите Зоран Герасимовски и Мирјана Радевска-Стефкова, поради незаконското разрешување под палката на тогашниот потпретседател Селим Адеми и поради силните критики од јавноста, си поднесоа оставки на функциите членови на Судскиот совет.

    Во тоа време, разрешената претседателка Дамева, поради добиени сознанија дека нејзиниот сопруг бил меѓу оштетените (прислушуваните) во „Тврдина-Тагрет“, веднаш информацијата ја изнесе пред колегите на Судскиот совет. Сметаше дека не треба да биде изземена од комисијата за разрешување на Енвер Беџети, затоа што нема врска тоа што е сопругот прислушуван незаконски од обвинетите, со тоа што судијата го чувал предметот во фиока.

    Денеска на затворена седница требаше колегите од Советот да одлучат дали ќе ја изземат Дамева. Но, од Судскиот совет добивме информација дека точката се одложила за наредната недела, поради немање кворум. Црвенковска не успеале да ја добијат на телефонска врска.

    Претходно членовите одлучија да ја изземат Дамева и од комисијата за оценување и интервјуирања, но само за четворица од судиите што се кандидирале. Поточно, само за оние кои одлучувале во граѓански предмети за фирмата во која нејзиниот сопруг бил раководно лице. Има голем број кандидати за избор во Апелациониот суд Скопје, па според одлуката на Судскиот совет, Дамева нема да учествува во рангирањето само на овие четворица судии.

    И оваа поврзаност таа самата ја пријави, за како што рече, да не се соочи со кривична одговорност.

    Откако таа го изнесе тоа пред колегите, се исплашија членовите Селим Адеми и Ханив Зендели, па по повеќемесечно молчење признаа дека биле блиски со Енвер Беџети.

    Од комисијата за разрешување на Беџети, Судскиот совет го иззема само Селим Адеми, додека Ханиф Зендели не.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира